ИРАН ПРЕДЛОЖИ ПЛАН ЗА ДЕEСКАЛАЦИЈА НА КОНФЛИКТОТ Арагчи ќе му го претстави на Путин во Москва
Белата куќа потврди дека го примила новиот ирански предлог, но засега не открива дали Вашингтон е подготвен да го разгледа.
Иран испрати нов предлог до Соединетите Американски Држави за деблокирање на Ормускиот теснец и ставање крај на војната, додека за разговорите за нуклеарната програма предлага да бидат одложени за подоцнежна фаза, објави американскиот медиум „Аксиос“, повикувајќи се на американски официјален претставник и двајца извори запознаени со преговорите.
Според предлогот, Техеран се обидува да го заобиколи најспорното прашање за нуклеарната програма, со цел побрзо да се постигне договор за отворање на Ормускиот теснец и прекин на непријателствата.
Иранскиот план, според „Аксиос“ е доставен преку пакистански посредници и предвидува продолжување на прекинот на огнот на подолг рок или постигнување траен договор за прекин на војната, додека зануклеарните разговори е предвидено да започнат дури откако ќе се деблокира теснецот и ќе се укине американската блокада.
Ваквиот пристап, според извори на „Аксиос“, е обид за излез од дипломатскиот ќорсокак, во услови кога иранското раководство е поделено околу тоа какви отстапки треба да му понуди на Вашингтон.
САД, пак, остануваат на ставот дека Иран мора да го запре збогатувањето ураниум и да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје, што останува клучна точка на спор меѓу двете страни.
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денеска да одржи состанок со својот тим за национална безбедност во Белата куќа, на кој ќе се разговара за застојот во преговорите и за следните чекори на Вашингтон. Според американски медиуми, Трамп и натаму размислува за продолжување на поморската блокада врз Иран, како средство за дополнителен притисок врз Техеран.
Дипломатската криза дополнително се продлабочи откако пропадна најавената средба меѓу американските пратеници и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Исламабад. Трамп изјави дека го откажал патувањето на своите претставници, оценувајќи дека разговорите можат да се водат и телефонски, без нови дипломатски мисии.
Во меѓувреме, Арагчи, пристигна во Санкт Петербург во официјална посета на Руската Федерација, каде ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како и со рускиот претседател Владимир Путин.
Арагчи претходно се сретна со високи пакистански и омански претставници за време на неговите посети на Исламабад и Мускат.