ОДБРАНАТА БАРА ДЕКЛАСИФИЦИРАЊЕ ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ Почна судењето на 9 полицајци во врска со дискотеката „пулс“
Поради недоставени документи, судењето беше прекинато. Продолжението е закажано за 1 јуни, до кога се очекува да се обезбедат потребните докази и да се изврши нивна анализа.
Во Основниот кривичен суд во Скопје почна судската постапка против девет полициски службеници, обвинети за злоупотреба на службената положба во врска со издавањето лиценца за работа на дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На обвинителна клупа се Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Боби Гидиоски, Гоце Иванов и Александар Максимов.
Според обвинението, тие како дел од институционалната процедура не ги извршиле потребните проверки поврзани со јавниот ред и мир, безбедносните аспекти и сообраќајните услови. Овие проверки биле предуслов за добивање дозвола за работа на угостителскиот објект.
На почетокот од рочиштето, дел од одбраната побара судот да помогне во обезбедување документи од Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Управата за јавни приходи. Барањата се однесуваат на прибавување докази, декласификација на одредени материјали и овозможување увид за вештачење.
Поради недоставени документи, судењето беше прекинато. Продолжението е закажано за 1 јуни, до кога се очекува да се обезбедат потребните докази и да се изврши нивна анализа.
Овој предмет е дел од пошироката истрага за пропустите што доведоа до една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која се опфатени повеќе групи полициски службеници и раководни лица. Судењето го води судијката Ленка Давиткова, а обвинението го застапува обвинителката за организиран криминал Спасенка Андонова.
Трагедијата во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК, кога нелегално поставена пиротехника предизвика пожар. Огнот брзо се проширил поради запалив материјал на таванот. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 230 беа повредени.