АКО МОРА ЗАПАДЕН БАЛКАН, И УКРАИНА МОРА ДА ГИ ИСПОЛНИ УСЛОВИТЕ ЗА ЕУ Бабиш бара ист аршин за сите земји
Тоа е став на поголемиот број лидери, бараме исти услови за сите нови земји членки, вели премиерот на Чешка, Андреј Бабиш.
Украина мора да ги исполни сите услови за членство, како што се бара од земјите од Западен Балкан, рече премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, на денешниот неформален Самит на Европска Унија, што се одржува на Кипар.
– Треба да се има исти аршин за сите. Ако земјите од Западен Балкан мораат да ги исполнат поединечните услови за влез, тогаш мора да ги исполни и Украина. Тоа е став на поголемиот број лидери, бараме исти услови за сите нови земји членки – истакна Бабиш.
Тој наведе дека очекува тешки преговори за идниот буџет на ЕУ за периодот 2028-2035 година.
– Европската комисија номинално предлага приближно 20 проценти помалку пари за нас. Наводно, затоа што Чешка станува побогата. Не знам како заклучиле дека сме станале толку богати. Тие сакаат да ни земат околу 9 милијарди евра. Тоа е неприфатливо – наведе Бабиш.
Тој додаде дека главната задача на неговата влада е да ги задржи барем истите средства за Чешка во следниот седумгодишен буџет на ЕУ.