СЕКОГАШ, СЕКОГАШ МУАБЕТ Рама ја искара ЕУ дека не разговара со Русија

Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека ЕУ прави стратешка грешка со прекинот на контактите со Русија. Тој предупреди дека без дијалог Европа може да остане без влијание во идниот мировен договор.

152

Европската Унија прави сериозна стратешка грешка што не се ангажира директно со Русија за завршување на војната во Украина, изјави премиерот на Албанија Еди Рама во интервју за „Политико“.

Рама смета дека прекинот на комуникацијата ја слабее позицијата на Европа. Според него, дијалогот е неопходен дури и во време на конфликт. Тој нагласува дека Русија ќе остане фактор.

„Секогаш, секогаш, секогаш“

– Можам да кажам дека Европа направи голема стратешка грешка што ги прекина сите канали со Русија. Европа секогаш, секогаш, секогаш, треба да разговара со сите – изјави Рама.

Тој предупреди дека одложувањето на разговорите носи последици. Колку повеќе се чека, толку помалку влијание ќе има ЕУ на крајот.

– Колку повеќе го одложуваме дијалогот со Русија, толку помалку ќе имаме право на глас на крајот, бидејќи без разлика како ќе заврши оваа војна, Русија нема да оди никаде – додаде тој.

Ставот на Рама се разликува од позицијата на дел од европските лидери. Претставници на ЕУ избегнуваат директни контакти со Москва. Тие сметаат дека разговорите немаат ефект додека војната трае.

Според Рама, ваквиот пристап ја оттурнува Европа од преговарачката маса. Тој оцени дека Унијата ризикува да остане на периферијата на идниот договор.

Рама посочи дека неговата земја нема зависност од Русија. Тој нагласи дека нема инвестиции, ниту енергетска поврзаност. Според него, токму тоа му овозможува отворено да ја изнесе својата позиција.

– Ние немаме никаква зависност од Русија, никакви инвестиции, руски гас, па можам да го кажам тоа – изјави Рама.

Поврзани содржини