БОЖИНОВСКА ГИ ВРАЌА ВО ИГРА ГРЧКИТЕ ЛНГ ТЕРМИНАЛИ ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ГАС На средбите во Делфи разговарала и за гасниот интерконекторот и за паметните енергетски системи

Божиновска смета дека  овие средби претставуваат дел од пошироката стратегија за активно позиционирање на Македонија како доверлив и релевантен партнер во регионалната и европската енергетска архитектура.

64

Унапредување на соработката во гасниот сектор меѓу Македонија и Грција  и искористување на потенцијалите што ги нуди грчката инфраструктура, особено во контекст на LNG терминалите и интерконекцијата со Македонија била тема на еден од разговорите што министерката за енергетика Сања Божиновска ги имала маргините на Делфи економскиот форум што се одржува во Грција.

Божиновска, како што е соопштено, на средбата со Maria Sferruzza, извршна директорка на грчкиот оператор за природен гас DESFA, ја нагласила важноста на интерконекторот со Грција како клучен проект за диверзификација на снабдувањето и зголемување на енергетската сигурност на земјава.

ЛНГ терминалите се особено важни по стратешкиот договор со САД за купување американски гас.

Покрај ова Божиновска темата на иновации и дигитална трансформација во енергетиката ја отворила во разговорите со Federico Menna, главен извршен директор на 28DIGITAL – европски иновациски екосистем основан во рамки на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT), тело на Европската Унија, каде се разгледуваа можностите Македонија поинтензивно да се вклучи во европските технолошки и иновациски екосистеми.

Посебен акцент бил ставен на паметните енергетски системи и новите решенија кои ја зголемуваат ефикасноста и отпорноста на енергетските мрежи.

Регионалната димензија на енергетската политика била дополнително потврдена преку разговорите со Траичо Траиков, министер за енергетика на Бугарија.

„Двете страни разменија мислења за регионалната енергетска поврзаност, тековните и идните инфраструктурни проекти, при што беше нагласена потребата од засилена координација и заеднички пристап кон инфраструктурните проекти и енергетската транзиција на Балканот3, се наведува во соопштението.

Слични пораки произлегле и од средбата со Cristian Silviu Bușoi, државен секретар во Министерството за енергетика на Романија. Во разговорите била потенцирана важноста од усогласување со европската регулатива, размена на искуства и координација во процесите на енергетска транзиција. Посебен акцент бил ставен на зајакнувањето на институционалната соработка, градењето стабилен и предвидлив енергетски пазар, со Македонија како активен фактор во регионалната стабилизација.

Божиновска смета дека  овие средби претставуваат дел од пошироката стратегија за активно позиционирање на Македонија како доверлив и релевантен партнер во регионалната и европската енергетска архитектура.

-Нашата цел е јасна – од земја зависна од една рута, да станеме систем со повеќе извори, повеќе коридори и поголема стабилност, со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат – изјавила Божиновска.

Поврзани содржини