БЕЛАТА КУЌА НЕМА ДА МЕ ЗАПЛАШИ Папата повика на продолжување на преговорите за Иран
Папата Лав минатата недела беше остро критикуван од американскиот претседател Доналд Трамп, со обвинувања дека не се огласил доволно решително против постапките на Иран.
Папата Лав XIV ги повика САД и Иран да се вратат на преговарачката маса. Поглаварот на Римокатоличката црква за време на лет на враќање од турнејата во Африка, повика на создавање нова „култура на мирот“, што ќе овозможи решавање на конфликтите без употреба на воена сила.
Папата Лав минатата недела беше остро критикуван од американскиот претседател Доналд Трамп, со обвинувања дека не се огласил доволно решително против постапките на Иран.
Коментирајќи ги односите со Трамп, папата нагласи дека нема интерес за конфронтација со американскиот претседател, но јасно стави до знаење дека „нема да дозволи да биде заплашуван од Белата куќа“.
Во разговор со новинарите во авионот, папата ги осуди убиствата на демонстранти во Иран, како и егзекуциите што се спроведуваат таму. Тој повика на обновување на преговорите, кои се прекинати.
– Еден ден Иран вели ‘да’, САД велат ‘не’ и обратно. Не знаеме до каде ќе стигне тоа…Би сакал да ги охрабрам сите да најдат решенија што произлегуваат од култура на мир, а не од омраза и поделби – рече папата.
Лав XIV уште рече дека кај себе носи фотографија од момче од Либан убиено при израелски напад врз проиранското движење Хезболах. Момчето го поздравило папата при неговата посета на Либан минатата година.