РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВЛАДАТА ЌЕ БИДЕ ВО МАЈ ИЛИ ВО ЈУНИ Арбен Фетаи нема да биде министер за добро владеење
Со коалициските партнери ќе направиме поместување, доколку видиме дека тоа е потребно,односно, одредени ресори, одредени имиња ќе ги промениме, ќе ги ротираме, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Арбен Фетаи повеќе нема да биде министер за добро владеење рече вечерва претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
– Разговаравме јас и Фетаи лично. И тој лично ми пренесе дека во иднина не се гледа повеќе во Владата која што јас ја предводам. Тоа беше пред неколку недели. Тој рече дека ќе се врати во Брисел, имајќи го предвид неговото образование, искуство во рамките на институциите во Брисел. Јас мислам дека би била тоа добра можност тој да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација – рече Мицкоски во интервју на Сител.
Додаде дека заедничко мислење било дека државата треба да ги искористи неговите контакти и знаење во Брисел.
Во врска со реконструкцијата на Владата, премиерот Мицкоски рече дека сè уште е фокусиран на внатрешното организирање на ВМРО-ДПМНЕ, а промените во Владата би се случиле во втората половина на мај или почетокот на јуни. Најави можна промена на ресори и одредени имиња во идниот владин состав.
– Јас ги анализирам состојбите, но сега сум фокусиран на она што се вика внатрешно организирање во самата ВМРО-ДПМНЕ. Она што го најавив на конгресот дека во текот на месец април, најдоцна во првата половина на мај мојата цел е да ја заокружам структурата во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. И од, да речеме, втората половина на мај или јуни заедно со коалициските партнери да направиме поместување, доколку видиме дека тоа е потребно, одредени ресори, одредени имиња да ги промениме, да ги ротираме. Тоа би требало да биде еден поголем холистички пристап. Но, во овој момент на таа тема само анализирам, не би можел да кажам дека имам каков било заклучок, но дека ќе има промени, тоа е факт, ќе има промени – рече Мицкоски.