ПОТЕЧЕ НАФТА ПО ЦЕВКОВОДОТ „ДРУЖБА“ Обновени испораките за Словачка

Протокот на нафта низ украинскиот дел од системот беше обновен вчера, по што Унгарија го повлече ветото на заемот на ЕУ од 90 милијарди евра за Украина.

83

Словачка од изутринава повторно почна да добива сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“, соопшти Министерството за економија во Братислава.

„Министерството за економија информира дека во 2:00 часот утрово повторно е воспоставен дотокот нафта во Словачка преку нафтоводот ‘Дружба’“, се наведува во соопштението.

Нафтоводот „Дружба“ стана една од инфраструктурните постројки во Европа со силно политичко значење, откако во јануари беа запрени испораките руска нафта за Унгарија и Словачка. Протокот на нафта низ украинскиот дел од системот беше обновен вчера, по што Унгарија го повлече ветото на заемот на ЕУ од 90 милијарди евра за Украина.

Киев соопшти дека прекинот на испореките бил неопходен поради поправки на нафтоводот, додека Унгарија и Словачка ја обвинија Украина за намерно одолговлекување на повторното отворање.

Будимпешта и Братислава и натаму зависат од руска нафта и гас и настојуваат да ги одржат испораките, и покрај напорите на Европската унија да го намали увозот руски енергенси по инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година.

Поврзани содржини