ФИЛИПЧЕ НА КРИВО НАСАДЕН Успеа да се скара и со „својот“ градоначалник на Крива Паланка

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своите јавни настапи директно го прозва градоначалникот Сашко Митовскиж околу најавениот рудник за антимон во кривопаланечкиот регион, испраќајќи порака дека градоначалникот не може сам да одлучува за вакви прашањаи дека не смее да влегува во договори без поширока согласност.

281

Венко Филипче јавно го нападна градоначалникот од редовите на СДСМ, Сашко Митовски од Крива Паланка – потег што ретко се гледа во македонската политика, особено ако се има предвид дека партијата на последните локални избори освои само 6 градоначалнички места и доживеа катастрофа.

Дополнителна тежина на судирот му дава фактот што Митовски, заедно со Горан Герасимовски, градоначалник на скопската општина Центар, се смета за еден од поуспешните и перспективни кадри во СДСМ, со потенцијал за повисока позиција во партиската хиерархија.

Конфликтот изби околу најавениот рудник за антимон во кривопаланечкиот регион – тема која во јавноста веќе предизвикува силни реакции. Наместо усогласен настап, се отвори фронт меѓу централното раководство и локалната власт од истата партија.

Филипче во своите јавни настапи директно го прозва Митовски, испраќајќи порака дека „градоначалникот не може сам да одлучува за вакви прашања“ и дека не смее да влегува во договори без поширока согласност. Со тоа практично го стави под знак прашалник легитимитетот на неговиот пристап кон проектот.

Во друга изјава, лидерот на СДСМ потенцира дека „за ваков проект мора да одлучуваат граѓаните“, алудирајќи на можноста за референдум. Со ова Филипче се обиде да ја префрли тежината на одлуката на локалното население, но и индиректно да го коригира ставот на својот сопартиец.

Клучната замерка на Филипче е што Митовски не зазел јасна позиција против рудникот, односно што не се спротивставил на иницијативата. Според оваа логика, градоначалникот требало поцврсто да застане на линијата на партијата и да ја одбие идејата.

Но, Митовски настапи со значително понијансиран став. Тој не кажа „не“ на рудникот, туку постави услови под кои евентуално би можело да се разговара за проектот.

Во својата реакција, градоначалникот порача дека не сака да ја политизира темата, туку бара сериозна и стручна анализа. Според него, не станува збор за едноставно „за“ или „против“, туку за прашање што бара внимателно разгледување на сите аспекти.

Митовски инсистира дека евентуалната експлоатација мора да биде во затворен систем, без ризик за загадување на водата, почвата и на воздухот. Дополнително, бара и конкретни гаранции и механизми за заштита на животната средина.

Овој судир открива подлабок проблем – различни пристапи во рамки на СДСМ за тоа како да се води политика на терен. Централата бара јасни и остри позиции и напад на власта по секоја цена, додека локалните функционери се обидуваат да балансираат меѓу економските интереси и стравувањата на граѓаните.

Во позадина, пак, се наметнува и прашањето за внатрепартиските односи. Кога лидер јавно критикува еден од ретките успешни градоначалници, тоа испраќа порака дека единството во партијата е сериозно разнишано. Ова наспроти глумењето единство во раководството.

Случајот со Крива Паланка така прераснува во многу повеќе од спор за еден рудник – станува тест за тоа како СДСМ ќе ги решава внатрешните несогласувања и дали ќе успее да ја задржи политичката кохезија во период кога секој кадар има голема тежина.

Венко Филипче засега сите разлики ги решава со кавги – се кара со медиуми, со актуелни и поранешни сопартијци што го критикуваат, а сега „отстрела“ и еден градоначалник од редовите на СДСМ.

Кој е следен за отстрел?

Поврзани содржини