ПОЛИЦАЕЦ ФАЛСИФИКУВАЛ ДОКУМЕНТ И ГО ПРЕДАЛ НА АДВОКАТ Скандал во тетовската полиција
Полициски службеник од Тетово осомничен дека изготвил документ со невистинита содржина, кој подоцна бил користен како доказ во судска постапка.
Кривична пријава е поднесена против полициски службеник од Тетово поради сомнение дека фалсификувал службен документ, кој подоцна бил искористен како доказ во судска постапка.
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека Одделот за внатрешна контрола поднел пријава до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против Д.М., полициски службеник од Сектор за внатрешни работи Тетово.
Според наводите, во јуни 2019 година тој, по барање на адвокат од Тетово, изготвил службен спис за достапност на лице со невистинита содржина, без да направи проверка на терен. За документот да изгледа веродостојно, го злоупотребил потписот на раководителот, ставил несоодветен деловоднички број и го заверил со службен печат.
Потоа, како што наведуваат од МВР, документот му бил предаден на адвокатот спротивно на пропишаните процедури. Подоцна бил употребен во судска постапка пред Основен суд Тетово, каде бил евидентиран како доказ на штета на едно лице од Тетово.