ЌЕ ОДАТ ЛИ МАКЕДОНЦИТЕ ЛЕТОВО НА ОДМОР ВО ГРЦИЈА БЕЗ БИОМЕТРИСКИ ПРОВЕРКИ? Туристичката комора поднесе барање и чека позитивен одговор
Барањето на македонската Туристичко-угостителска комора доаѓа по информацијата според која грчката влада одлучи граѓаните на Велика Британија да не подлежат на биометриска контрола при влегување во земјата.
Туристичко-угостителската комора побара од грчкото Министерство за туризам, за време на летната туристичката сезона туристите од земјава да бидат изземени од биометриските контроли за влез и излез на ЕУ (ЕЕС) за да се намали метежот на границите и да се намалат трошоците на туристичките агенции поврзани со доцнењето, информира првиот човек на комората Аркан Керим.
– Денеска стапивме во контакт со грчката министерка за туризам и побаравме македонските туристи да бидат изземени од овој систем во периодот од 1 јуни до 1 септември. Се надеваме дека министерката ќе го земе предвид нашето барање и дека деновиве ќе добиеме позитивен одговор – вели Керим.
Ова барање на македонската Туристичко-угостителска комора доаѓа по информацијата според која грчката влада одлучи граѓаните на Велика Британија да не подложат на биометриска контрола при влегување во земјата, а главна причина за тоа беше дека 4,89 милиони британски туристи ја посетиле Грција во 2025 година.
Туристичките работници од земјава веруваат дека Грција ќе ја искористи препораката на Европската комисија која вели дека секоја земја во одреден момент може да го запре системот ЕЕС (влези излез од ЕУ) кога ќе се пребукираат границите и системот ќе стане многу бавен.
– Системот покажува слабости уште на почетокот од неговото воведување. Автобусите со туристи на грчкиот дел од границата чекаат и по 5 часа што создава големи колони. Ако, пак се појават големи двокатни туристички автобуси со 90 патници пред вашиот автобус чекањето може да трае и повеќе од 5 часа. Грчката граница е опремена со добра апаратура, но при отпечатоците на прстите процесот заглавува на секој 10-ти патник и потоа се чека. Проблемот го знаат и грчките власти, но што ќе преземат за време на големите гужви на грчката граница со почетокот на летната сезона, не се знае – вели Дончо Нацев.
Нацев потсетува и на дополнителните проблеми на туристичките работници со работното време на возачите, туристичките водичи и доцнењето на посакуваната дестинација и трошоците што ги имаат агенциите.
– За време на велигденскиот викенд нашиот автобус на грчката граница се задржа 5 часа. Ако турата е поврзана со возниот ред на траектите за Крф, Закинтос и на островите тогаш во старт доцниме, а билетите за траект се обезбедени. Тоа е еден дел од проблемот. Возачите кои се задржале 5 часа на граница и тргнале од Македонија, веќе го поминале дозволеното работно време и треба да се менуваат. Заедно со враќањето ги надминуваат работните часови, а и времето за престој во Шенген зоната. Сето ова го прави работењето проблематично. Што се однесува до туристите тие треба да потрошат плус еден или два дена за патување пред да го почнат летувањето – вели тој.
Нацев смета дека покрај коморите за туризам кои први реагираат, потребно е и Министерството за култура и туризам да побара од грчкото Министерство за туризам да се заложи за преземање конкретни мерки да се намалат долги чекања на границата, бидејќи македонските туристи во Грција се бројни и редовни, а грчките туристички работници не би сакале да ги испуштат.
Покрај нашите туристички работници и српските се надеваат дека Грција ќе ги ослободи граѓаните од Србија од биометриската контрола на грчките граници, ако не со посебна одлука, барем со почеста примена на исклучокот што го дава Европската комисија.
Системот за влез и излез во ЕУ (ЕЕС) кој почна да се применува пред две недели предизвика големи гужви на сите граници во ЕУ, посебно во авиосообраќајот каде што се чека и по неколку часа за да се завршат формалностите, а патниците ги испуштаат и авионите. Поради ова авионските организации побараа поголема флексибилност на границите.