ТРАМП ГО ПРОДОЛЖИ ПРИМИРЈЕТО СО ИРАН Голем пресврт на американскиот претседател

Ќе биде продолжено сè додека не се достави нивниот предлог и сè додека не се завршат преговорите, на еден или друг начин“, додаде Трамп.

306

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе го продолжи примирјето со Иран сè додека Техеран не поднесе предлог за траен крај на конфликтот.

„Врз основа на фактот дека иранската влада е сериозно поделена, што не е неочекувано, и на барање на фелдмаршалот Асим Мунир и премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, од нас е побарано да го одложиме нападот врз Иран, сè додека нивните лидери и претставници не излезат со унифициран предлог“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.

Тој додаде дека ѝ наредил на американската војска „да ја продолжи блокадата и во сите други аспекти да остане подготвена и способна“.

Двонеделното примирјето требаше да истече во следните неколку часа.

„Ќе биде продолжено сè додека не се достави нивниот предлог и сè додека не се завршат преговорите, на еден или друг начин“, додаде Трамп.

Ова е голем пресврт во споредба со неговите претходни изјави денес. Тој претходно денес изјави дека не сака да го продолжи прекинот на огнот и смета дека продолжувањето на бомбардирањето е подобра опција.

Денеска, и покрај најавите дека американска и иранска делегација ќе допатуваат во Исламабад на втор круг преговори, тие не пристигнаа во Пакистан.

Си-ен-ен повикувајќи се на неименувани извори објави дека засега е одложено патувањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за Исламабад. Изворите тврдат дека Венс пристигнал во Белата куќа на состанок за следните чекори на американската администрација, на кој присуствуваат и државниот секретар и министерот за одбрана, Марко Рубио и Питер Хегсет.

Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмил Багаи за државната телевизија ИРИБ изјави дека сè уште не е донесена конечна одлука дали Иран ќе учествува на мировните преговори со САД.

„Причината е јасна, ова не е прашање на неодлучност. Се соочуваме со контродикторни пораки, недоследно однесување и неприфатливи потези од страна на САД“, наведе Багаи.

Тој потенцира дека дипломатскиот процес мора да биде ориентиран кон резултати и кога Иран ќе процени дека условите се исполнети ќе ја донесе потребната одлука.

И двете страни тврдат дека се подготвени за продолжување на војната.

Поврзани содржини