ЗЕЛ ПАРИ ЗА БЛИНДОР ВРАТИ, ПА ИСЧЕЗНАЛ Битолчанец обвинет за измама од 2.140 евра
Битолчанец зел аванс од 2.140 евра за изработка на блиндор врати, но постојано ја одложувал испораката, по што полицијата поднесе кривична пријава за измама.
Полицијата поднесе кривична пријава против жител на Битола поради сомнение дека измамил лице од струшко село, ветувајќи изработка на блиндор врати кои никогаш не биле испорачани.
Од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга информираат дека против Ј.Б. е поднесена пријава за кривично дело „измама“. Според пријавата, на 14 ноември 2025 година 34-годишник од струшко село стапил во контакт со осомничениот, кој се претставил дека изработува блиндор врати.
Двајцата се договориле вратите да бидат изработени до 20 јануари 2026 година за вкупен износ од 3.040 евра. Како што било договорено, оштетениот однапред му исплатил 2.140 евра, додека остатокот требало да го доплати по нивната монтажа.
Сепак, според пријавата, осомничениот постојано ја одложувал изработката и испораката на вратите, по што случајот бил пријавен во полиција. По преземените мерки, против него е поднесена кривична пријава за измама.