СЕКОЈ ЧЕТВРТИ ОСИГУРЕНИК НЕ ОСТВАРУВА ПРИХОДИ Во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 415.183 се пензионери

Директорот на Фондот, Сашо Клековски, негира дека одредени категории граѓани се оставени без здравствена заштита.

294

Во моментов во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 470.774 осигуреници или секој четврти (25%) се лица кои не остваруваат приходи, a за кои осигурувањето го покрива државата, соопшти Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кој денеска објави најнови податоци за бројот на осигуреници во земјава.

– Македонија е дефинирана како социјална држава, а согласно Законот за здравствено осигурување постојат повеќе основи за задолжително здравствено осигурување, со што системот е поставен инклузивно и социјално одговорно. Обезбедено е здравствено осигурување и за лицата кои не остваруваат приходи и не можат да се осигураат по ниту еден друг основ – при што трошоците за нивното осигурување ги покрива државата преку програма во Министерството за здравство. Тезите дека одредени категории граѓани се оставени без здравствена заштита не се точни – рече директорот на Фондот Сашо Клековски.

Во моментот се работи на три реформи на здравственото осигурување. Работна група на Фондот, Министерството за финансии, Министерството за здравство и УЈП, работи на критериумите за лицата кои не остваруваат приходи, каде е фокусот на две групи проблеми: осигурениците што непосредно останале без работа и осигурениците кои имаат непријавени приходи (сива економија, работа во странство). Владата, Фондот и УНИЦЕФ ги анализираат потребите и можностите за независно здравствено осигурување на малолетни лица до 18 години.

Во финална фаза е подготовката на ново законско решение од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со активно учество на Фондот за здравствено осигурување. Со ова законско решение ќе се опфатат лицата кои работат во флексибилни форми на ангажман.

Број на осигуреници по основ на осигурување

Лицата што минатата година имале под 293.000 денари приходи, кои во последните два месеци имале помалку од 48.000 денари, да добијат бесплатно здравствено осигурување, а лицата што имале повисоки приходи од овие да плаќаат придонес на основицата 50 отсто од просечната плата, а тоа е 2.593 денари месечно, да добијат здравствено осигурување.

– Точно е дека немаме категории што не се опфатени, но има проблеми со здравственото осигурување во одделни случаи, но ние работиме на тоа. Првин работната група на Министерството за здравство, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Фондот, кои ги гледаат овие критериумите за тие 470.000 лица. Тука имаме два типа проблеми, прво, за лицата што непосредно дале или добиле отказ и како да се обезбеди транзицијата и, второ, за лицата што остваруваат нерегистрирани приходи, односно работат во сивата економија во земјата или кои приходите ги остваруваат во странство. Овие лица не би требало да бидат осигурени со бесплатно здравствено осигурување – рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека можно е да има починати лица, кои се носители на здравствено осигурување, и преку нив да се осигурени други членови на семејството.

– Ние координираме со матичните книги како да ја подобриме комуникацијата за прочистувањето на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно. Втората група, каде што е можно да имаме непотребно здравствено осигурување, е кај лицата што не остваруваат приходи – додаде Клековски.

Поврзани содржини