СРБИЈА БАРА РАТКО МЛАДИЌ ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ОД ЗДРАВСТВЕНИ ПРИЧИНИ Ќе понуди дополнителни гаранции
Ратко Младиќ е осуден на доживотна затворска казна за геноцид, воени злостроства и злосторства против човештвото, а казната ја издржува во затвор во Велика Британија.
Србија е подготвена да обезбеди дополнителни гаранции за ослободување на поранешниот армиски генерал Ратко Младиќ од натамошно издржување на затворската казна, затоа што неговата здравствена состојба е сериозно влошена, изјави српскиот министер за правда Ненад Вујиќ.
Според Вујиќ, одлуката за ослободување на Младиќ зависи од претседателката на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали, Грасиела Гати Сантана, која рекла дека ќе го разгледа барањето и ќе донесе одлука. Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали е тело што правно го наследи Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, кој го осуди Младиќ на доживотен затвор.
Вујиќ изјави дека случајот на Младиќ „не е прашање на казна или судска пресуда, туку прашање на живот“. Тој информираше дека до Трибуналот е поднесено барање за ослободување на Младиќ и дека српската Влада и семејството на Младиќ ќе се обратат исто така и до Комитетот за човекови права и до Обединетите нации.
Ратко Младиќ е поранешен генерал на ЈНА и на Војската на Република Српска, роден 1942 година во Босна и Херцеговина. Тој стана една од клучните фигури за време на војната во Босна (1992–1995), командувајќи со српските сили во неколку големи операции. Младиќ беше долг период во бегство по завршувањето на војната, пред да биде уапсен во 2011 година во Србија.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го обвини за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и за масакрот во Сребреница во 1995 година. Во 2017 година беше осуден на доживотен затвор, пресуда што подоцна беше потврдена.
Ратко Младиќ ја издржува казната доживотен затвор во Обединетото Кралство, но точната локација на затворот не се соопштува јавно од безбедносни причини.