НЕ СЕ ДОСТАВУВА ДОКУМЕНТАЦИЈА ВО ОПШТИНАТА КОГА СЕ ОСНОВА ПРАВЕН СУБЈЕКТ ИЛИ ПОДРУЖНИЦА Сведочеше секретарот на Општина Кочани

Градежните инспектори и градоначалникот на општината немаат надлежност да учествуваат во донесувањето на детаљните урбанистички планови, рече сведокот Драган Ананиев на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

157

Сведокот Драган Ананиев, вработен во Општина Кочани, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ изјави дека работел и како главен општински секретар, но дека намал законска надлежност за контрола на инспекциските служби.

Сведокот појасни дека од 2023 година е назначен за главен инспектор во Општината и било формирано посебно одделение за инспекциски служби, и тоа сообраќајна, комунална, градежна и за животна средина.

Прашан дали како општински секретар вршел контрола на инспекциските служби, сведокот рече „не“.

– Немам законска надлежност за контрола на инспекциските служби – рече Ананиев.

На прашањето да појасни кој е надлежен за контрола на инспекциски служби кога нема раководител, сведокот рече дека во согласност со Законот за инспекцискиот надзор, кога нема раководител на одделение за инспекциски надзор, тоа функционира така што контрола врши тој што е избран.

Ананиев рече дека инспекторите носат годишен план за редовни и за вонредни контроли, кои подлежат на контрола на државниот инспекторат, а се доставуваат и до Советот на Општината и до градоначалникот.

– Годишните извештаи ги изработуваат инспекторите, а ги потпишува градоначалникот – рече сведокот.

Тој одговараше и на директни прашања од обвинетиот Огњен Георгиев, поранешен општински градежен инспектор во Општина Кочани.

Прашан дали при основање нов правен субјект или поддружница е потребно до Општината да се достави документација, сведокот рече „не“.

– Нема таква документација што се прима во Општината. За угостителската дејност, Општина Кочани има многу мала дадена надлежност. Се води регистар на физички лица, со правни лица немам надлежност. Со приватните, само за јавна прометна површина, друга документација, не – рече Ананиев.

Прашан дали кога некое службено лице ќе утврди нерегуларност надвор од својата надлежност, се доставува до надлежните инспекциски служби, сведокот рече дека секое пристигнато барање или известување се препраќа.

– Тој не може да постапи, но го препраќаат до надлежната институција – рече сведокот.

Во донесување на ДУП, сведокот рече дека градежните инспектори немаат надлежност да учествуваат ниту, пак, градоначалникот, кој не е ни стручен за тоа.

Прашан дали контролата на угостителската дејност е во надлежност на градежен инспектор или на градоначалникот, сведокот рече дека не е, тоа е надлежност на друг.

Претходно, на денешното рочиште беше сослушан и сведокот Александар Јосифов, кој од 2017 до 2021 година бил главен секретар во Општина Кочани, во мандатот на градоначалникот Николчо Илиев.

Јосифов рече дека во тие години во Општина Кочани функционирале три инспекциски служби – комунална, животна средина, градежен инспекторат и подоцна се вработил и сообраќаен инспектор, но немало раководител на инспекциските служби.

Директна одговорност со инспекциските служби сведокот Јосифов рече дека немале, но им биле поддршка, на пример, ако имаат потреба за користење возило или слично.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Судењето се наоѓа во доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Поврзани содржини