СЕКОГАШ КОГА ИМАЛО НЕКАКВИ НАСТАНИ, ВО „ПУЛС“ СЕ КОРИСТЕЛЕ ПРСКАЛКИ Ана Захариева сведочеше за стампедото, за изгорениците, за малолетниците

Сведокот Ана Захариева во пожарот добила изгореници на целата лева рака, имала операција и 42 дена била во болница, и најави отштетно побарување. 

208

Сведокот Ана Захариева која на критичниот настан била гостин во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, на денешното рочиште изјави дека вечерта на 16 март имало многу гости, меѓу кои и малолетници, како и дека во дискотеката се користеле прскалки и претходно.

Таа посочи дека во „Пулс“ одела од свои 17-18 години речиси секој викенд.

– Вечерта стигнав околу 12 часот и си купив карта. Ја дадов на обезбедувањето, ставија печат и влегов внатре. Бев со друштво – рече Захариева.

Прашана дали се сеќава на лицата кои вршеле обезбедување таа вечер, рече дека не се сеќава. Сведокот по сеќавање го опиша влезот на дискотеката и нејзината внатрешност по нејзиното реновирање, посочувајќи дека вториот излез тогаш бил затворен.

– Вечерта имаше многу луѓе во дискотеката – изјави Захариева, посочувајќи дека имало и малолетници.

Пред да избувне пожарот во дискотеката, таа рече дека имало рација за малолетници, но дека забавата не била прекината.

Таа не можела да го види избувнувањето на пожарот, но откако кажале дека гори се упатила кон излезот бидејќи не била многу далеку.

– Беа секунди во прашање. Не бев многу оддалечена од вратата, можеби некои две минути. Знам дека беше многу малку потребно за пожарот, бидејќи додека бев до вратата веќе целиот плафон гореше – изјави Захариева, посочувајќи дека немало никој што ги насочувал каде и како да се евакуираат.

Захариева рече дека секогаш кога имало некои настани, пејачи, роденден, танчерки или отворање на сезона, во дискотеката се користеле прскалки.

– Бев заглавена во стампедото, врз мене имаше сигурно уште 3-4 луѓе. Бев онесвестена и кога се разбудив почнав да барам помош од луѓето околу мене. Имаше еден полицаец во униформа, но не можеше да ме извлече. По кратко дојде друг и ме извлече – рече Захариева.

Таа во пожарот добила изгореници на целата лева рака, имала операција и 42 дена била во болница, и најави отштетно побарување.

На вкрстено прашање од одбраната на првообвинетиот, Дејан Јованов Деко, да објасни како знае дека претходно било дискотека, а по реновирањето кабаре, Захариева рече дека разлика визуелно немало, туку во работното време.

– Дискотека е откако јас знам сѐ до последната година кога го реновираа. Немаше разлика внатре, туку имаше во времето на излегување. Дискотека беше до 11, а кабаре е откако се излагаше од 1-2 и траеше до 3-4. Јас така чув – појасни таа.

На прашање од адвокатот Јовица Страшевски дали може да се сети кој ја спасил вечерта, со оглед дека се сеќава речиси на сѐ, само не на човекот што ја спасил, таа повтори дека не може да се сети, зашто настанало стампедо.

На прашање од одбраната дали била во дискотеката кога била малолетна, сведокот рече „да, сум била присутна, зашто пуштаа малолетници, исто како што пуштаа и таа вечер“.

Поврзани содржини