РУДНИКОТ ЗА АНТИМОН Е ДЕЛ ОД СОРАБОТКАТА СО САД Мицкоски изненаден од различните ставови во СДСМ
Мицкоски посочи дека секоја иницијатива за референдум мора да се спроведе согласно законските процедури, но изрази зачуденост од, како што рече, различните ставови во рамки на СДСМ по ова прашање.
Правото да се побара референдум е уставно загарантирано, но проектот за рудникот за антимон кај Луке е стратешки за државата и за локалното население и е дел од билатералната соработка со Соединетите Американски Држави, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Мицкоски посочи дека секоја иницијатива за референдум мора да се спроведе согласно законските процедури, но изрази зачуденост од, како што рече, различните ставови во рамки на СДСМ по ова прашање.
– Ме зачудува фактот дека градоначалникот на Крива Паланка, кој е од редовите на СДСМ, има сосема спротивно мислење од овој став на раководството на СДСМ, бидејќи јас честопати комуницирав со него, вклучително и денеска. Можев да се уверам дека неговиот ставот е сосема спротивен, дека прво овој проект е дел од нашата соработка со Соединетите Американски Држави, финансиран делумно од САД – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека проектот, доколку се реализира, ќе мора целосно да ги исполни уставните и законските услови, особено во делот на заштитата на животната средина, за што, како што рече, гарантираат и тој и инвеститорите.
Мицкоски оцени дека станува збор за инвестиција со значаен економски бенефит за регионот и населението, посочувајќи дека областа е типично рударско подрачје и дека проектот е стратешки и за државата и за локалната заедница.