КРИВИЧНА ЗА БЛЕРИМ БЕЏЕТИ Полицијата откри сомнежи за милионски бенефиции
Полицијата сомничи дека преку спорни решенија и надлежности биле овозможени милионски имотни придобивки за приватен субјект.
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, како и против уште едно службено лице вработено во Град Скопје, поради сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од МВР информираат дека пријавата е поднесена преку Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги, до Основното јавно обвинителство во Скопје.
– Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против З.Д. (61) од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од КЗ и Б.Б. (49) од Скопје, поради основано сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.3 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од КЗ. Во два одвоени случаи постојат основи на сомнение дека пријавените, искористувајќи службени овластувања, овозможиле противправна имотна корист за правен субјект и постапувале надвор од своите надлежности – наведуваат од полицијата.
Според истрагата, прво пријавениот З.Д. како овластено службено лице, постапувајќи по овластување за потпишување акти, во 2021 година донел решение за режим на сообраќај за правен субјект од подрачјето на Сарај, иако надлежноста за тоа не била во Град Скопје, туку во Општина Сарај.
Со тоа, како што се наведува, било овозможено правниот субјект да добие право за вршење технички преглед и да се стекне со имотна корист од над 3,2 милиони денари.
Во вториот случај, тогашниот градоначалник на Сарај, Б.Б., донел одлуки поврзани со режимот на сообраќај за истиот правен субјект, иако, според полицијата, не бил извршен соодветен надзор над документацијата и урбанистичките услови.
– Постои сомнение дека не биле почитувани законските процедури и дека одлуките се донесени без усогласеност со урбанистичките планови – велат од МВР.
Од таму додаваат дека со ваквите постапки на правниот субјект му била овозможена имотна корист од над 42 милиони денари.
Истрагата продолжува, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат дополнителни правни постапки.