НЕМА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕМЕ ОД ОДЛУКАТА ЗА ОТВОРАЊЕ НА РУДНИКОТ ЗА АНТИМОН Мицкоски оцени дека рударството и енергетиката се важни за опстојување на економијата
Премиерот повторно потенцира дека македонската економија има шест квартали по ред раст кој се вбројува меѓу највисоките во Европа.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека владата се соочува со два предизвика во однос на растот на индустриското производство – слабата активност на дел од рудниците и стабилизација на производството на електрична енергија.
Мицкоски, коментирајќи ги податоците за прометот во индустријата рече дека токму овие два сектора се покажаа како многу значајни во време на глобални кризи и иднината на економијата и затоа главна цел на владата е да се отворат нови рудници и да се стабилизира производството на струја.
-Иако, има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе. Има и такви. Еве гледам реакција одма после стратешкиот рудник за антимон којшто е светски конкурентен, се појавија некои такви, одма да критикуваат за да добијат грант повеќе. И да ја кодошат државата и оваа Влада, но овој пат мислам дека на тврд орев ќе налетаат. Нема да се повлекуваме затоа што тоа е иднината, ако сакаме да имаме држава, тоа е иднината. И второ, она коешто мене ми е важно, покрај рудниците е да се стабилизира делот на производството на електричната енергија. И мислам дека е веќе во рамките на едни стабилни текови. Така што генерално, мислам дека, имајќи ја предвид состојбата ќе повторам, глобално сме на добра патека – рече Мицкоски.
Тој го оцени како солиден растот на прометот во индустријата во услови глобалните предизвици.
-Па, имајќи ја предвид состојбата во светот и состојбата во Европа, ценам дека растот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден. И ние сме единствена земја што има таков раст во регионот, друга нема таков раст. Често пати кога коментираме, мора да правиме споредби. И сега оваа Влада шест квартали по ред има просек раст на бруто домашен производ од 3,5%, но во услови кога растот во ЕУ е под 1%. Некој ќе каже, имало периоди кога растот бил и 5,5% и 6%, но да, тогаш и растот во рамките на Европската Унија бил идентичен 5,5% и 6%. Сега имаме повеќе од три и половина пати поголем раст од оној просечниот што е во ЕУ, шест квартали, зборувам по ред. И тоа за нас претставува инспирација дека добро ги тераме работите. Сега не велам одлично, секогаш може подобро, но сега за сега имајќи ја предвид глобалната ситуација, мислам дека добро се тераат работите. Во тој предизвик е индустријата – рече Мицкоски.
Државниот завод за статистика објави дека прометот во индустријата вкупно е зголемен за 1,6% во февруари годинава во однос на февруари минатата година.
На домашниот пазар во февруари годинава во однос на февруари минатата година прометот во индустријата е со пораст од 0,8%, а во периодот јануари – февруари годинава во однос на периодот јануари – февруари минатата година со опаѓање од 2,4%.
На странските пазари, пак, во февруари годинава во однос на февруари минатата година прометот во индустријата бележи пораст од 2,2 %, а во периодот јануари – февруари годинава во однос на периодот јануари – февруари минатата година бележи опаѓање од 4,1%.