ДОДЕКА ТРАМП СЕ ПОДБИВА СО НАТО Берлин кове европско НАТО

Планот предвидува Европа да ја засили својата улога во командните структури на НАТО и постепено да ги надополни американските капацитети со сопствени сили. Според „Волстрит џурнал“ планот добил „ветер во грбот“ кога го поддржала Германија.

211

Европските земји забрзано работат на план за зајакнување на сопствената одбрана, познат како „европско НАТО“, во услови на растечка недоверба кон САД како безбедносен гарант.

Иницијативата доби силен поттик од Берлин, пишува „Волстрит Џурнал“. Германија, под водство на канцеларот Фридрих Мерц, ја преиспитува својата долгогодишна зависност од американската заштита, се вели во статијата.

Планот предвидува Европа да ја засили својата улога во командните структури на НАТО и постепено да ги надополни американските воени капацитети со сопствени сили.

Европско единство „од Гренланд до Иран“

Германскиот став се менува поради загриженоста дека САД може да се повлечат од Европа или да одбијат да интервенираат во случај на закана.

Политичките турбуленции и изјавите на Доналд Трамп дополнително го забрзаа процесот. Соработката се забрза уште кога Трамп се закани дека ќе го одземе Гренланд од Данска, членка на НАТО. Понатаму, Европа одби да ја поддржи војната на САД во Иран.

Европските лидери во последно време често порачуваат дека Европа мора да преземе поголема одговорност за својата безбедност.

„Тигар од хартија, и Путин го знае тоа“

Трамп во последните денови остро го критикуваше НАТО, нарекувајќи го „хартиен тигар“ додавајќи дека „дури и Путин го знае тоа“. Во друга објава, тој напиша Алијансата „не беше покрај нас, ниту ќе биде во иднина“.

Објавата следеше по серија критики на Трамп кон Папата Лав XIV.

Трамп за Скај Њуз ги повтори и своите критики кон Велика Британија велејќи дека „не беа тука за нас кога ни требаа, кога не ни требаа, ги нема ниту сега“.

Европеизирано НАТО

За разлика од претходно, кога Вашингтон вршеше притисок , сега европските држави самостојно ја преземаат иницијативата. Целта е да се обезбеди континуитет на одбраната, дури и без директно учество на САД.

Во разговорите се вклучени Велика Британија, Франција, Полска и нордиските земји. Европа се соочува со сериозни предизвици. Недостигаат капацитети во разузнавање, воздушна одбрана и нуклеарно одвраќање.

Американското лидерство сè уште е клучно во рамките на НАТО. Се отвора и чувствителното прашање за нуклеарниот чадор, каде што Франција и Велика Британија би можеле да преземат поголема улога.

Европеизацијата на НАТО веќе е во тек. Сè повеќе командни позиции ги преземаат европски офицери.

Се зголемува и производството на воена опрема и развојот на нови технологии.

Поврзани содржини