ТЕРЕТАНИ САМО ЗА ЖЕНИ Дури 1.300 жени се на листа на чекање во еден фитнес центар во Брисел
Во последниот период во Брисел значително порасна побарувачката за фитнес-центри наменети исклучиво за жени, при што некои од овие теретани веќе се соочуваат со долги листи на чекање за членство, јави Еурактив (Euractiv). Според податоците, во една од женските теретани, која се наоѓа во квартот на Европската Унија, на листата на чекање има дури околу 1.300 жени, што укажува на силен и постојан интерес за ваков тип на фитнес- центри.
Според Кат Шнајдер, виша истражувачка на Универзитетот Западна Англија, ваквиот тренд е резултат на наметната родова поделба во традиционалните теретани. Таа нагласува дека просторот со слободни тежини сè уште во голема мера е доминиран од мажи, додека во другите делови од теретаните жените често се перципираат и третираат како почетнички, што доведува до несакани совети и непријатни ситуации.
Поради овие околности, сè повеќе расте побарувачката за фитнес-простори исклучиво за жени, кои, како што наведуваат анализите, придонесуваат за елиминирање на вознемирувањето, сексуализацијата и објективизацијата, како и за намалување на притисокот од постојаното набљудување, познато како „машки поглед“. Основачката на една таква теретана, Анабел Шатен, вели дека идејата е да се создаде простор во кој жените ќе се чувствуваат удобно и безбедно, без потреба постојано да ја проценуваат околината, вклучително и облеката што ја носат.
– Сакаме да создадеме теретана во која жените се чувствуваат како дома и каде облеката не бара проценка на ризик. Отстранувањето на ваквите притисоци директно влијае на подобрување на квалитетот на тренингот и постигнување на подобри резултати – заклучи Шатен.