БЛАГОДАТНИОТ ОГАН ПОВТОРНО СЕ ПОЈАВИ Чинот во Ерусалим се одржа под безбедносните ограничувања

Благодатниот оган се појави во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим на Велика сабота, по молитвата на ерусалимскиот патријарх, во услови на засилени безбедносни мерки во регионот.

237

Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим и денеска се појави Благодатниот оган – настан што православните верници го сметаат за едно од најголемите чуда и кој традиционално се случува на Велика сабота, во пресрет на Велигден.

Според црковната традиција, огнот се појавил во кувуклијата, параклисот над Христовиот гроб, откако ерусалимскиот патријарх Теофил III влегол внатре да се помоли. Потоа, тој го изнел огнот и го предал на верниците присутни во храмот.






Годинава постоеше неизвесност околу одржувањето на чинот, бидејќи храмот претходно беше затворен за поклоници поради воведените безбедносни мерки од страна на Израел во услови на тензии со Иран. Вратите повторно беа отворени на Велики четврток, по постигнатото примирје.

Според преданијата, појавата на Благодатниот оган датира уште од првите векови на христијанството и секоја година се случува на истото место. На чинот му претходи проверка на кувуклијата, која се запечатува, по што патријархот влегува со свеќи и започнува молитва за појавување на огнот.

Откако огнот ќе се појави, патријархот го предава на верниците, кои го пренесуваат понатаму. Вообичаено, илјадници поклоници се собираат во храмот и околината за да го преземат Благодатниот оган.

Во изминатите години, претставници на помесните православни цркви го преземаа огнот од аеродромот во Тел Авив и го носеа во своите земји. Годинава, сепак, тоа е отежнато поради состојбата на Блискиот Исток и ограничувањата во авиосообраќајот.

Поврзани содржини