ЗАОКРУЖЕН Е ПРВИОТ ЦИКЛУС НА ЗЕЛЕНИОТ КОНКУРС НА dm Раззеленети дворовите на две училишта во Охрид и во Велес
По успешната реализација на првата фаза од конкурсот во октомври и ноември 2025 година, кога беа раззеленети четири училишни двора со повеќе од 500 садници, проектот и оваа година продолжува да се развива во повеќе воспитно-образовни установи ширум земјата.
Проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, кој dm drogerie markt го реализира со Македонското еколошко друштво (МЕД), доби ново продолжение на 7 и 8 април, при што во дворовите на основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид и Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“ во Велес беа засадени вкупно 90 садници.
Со овие активности, велат од компанијата, двете образовни институции добија поуреден, позелен и попријатен изглед, а воедно се создадоа и подобри услови за престој, едукација и секојдневни активности на учениците.
„Акциите се одвиваа во инспиративна атмосфера, со активно учество и интерес, а благодарение на стручната поддршка од МЕД, ова искуство имаше и едукативен и мотивирачки карактер“, соопшти dm.
Со овие активности, се заокружува првиот циклус на садења предвиден за првите три месеци од годинава, додека пријавувањето за следниот циклус, што ги опфаќа октомври, ноември и декември, сè уште е отворено на платформата на dm на следниот линк.

Компанијата информира дека од почетокот на оваа година , во рамките на „Зелена иднина: од градинка до училиште“ веќе беа реализирани пошумувања во основните училишта „Маршал Тито“ во с. Банско, Струмица и „Андреја Савевски – Ќикиш“ во Тетово, каде беа засадени вкупно 160 садници.
Дополнително, на 23 и 27 март беа спроведени нови акции за пошумување во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и во градинката „Детска радост“ во Гевгелија, при што беа засадени уште 133 садници. Тоа значи дека од почетокот на 2026 година, заклучно со најновите активности во Охрид и Велес, во рамките на проектот се засадени вкупно повеќе од 380 садници.
По успешната реализација на првата фаза од конкурсот во октомври и ноември 2025 година, кога беа раззеленети четири училишни двора со повеќе од 500 садници, проектот и оваа година продолжува да се развива во повеќе воспитно-образовни установи ширум земјата.

„Посебна вредност на иницијативата ѝ дава и едукативната димензија, преку која децата и младите се поттикнуваат да развиваат одговорен однос кон природата и зелените површини“, истакнува компанијата.
Конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ е наменет за државни и општински основни и средни училишта, како и за градинки, кои имаат можност да го пријават својот двор за раззеленување и хортикултурно уредување. Пријавените проекти ги разгледува стручен тим составен од претставници на dm drogerie markt и Македонското еколошко друштво (МЕД), а крајниот рок за аплицирање е 31.8.2026 година. Во секој од предвидените месеци за садење се реализираат по два проекти, а пријавувањето се одвива преку формуларот на платформата „Заедно едни за други“.
Во соопштението се вели дека со проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, dm drogerie markt и Македонското еколошко друштво (МЕД) и понатаму даваат значаен придонес кон заедницата, поттикнувајќи еколошка свест, одржлив развој и грижа за просторот во кој растат и се развиваат младите генерации.