Колку ЕУ се залага за повеќејазичност?
ЕУ продолжува постојано да нагласува дека јазичната разновидност е важен дел од европското културно наследство. Но, во исто време се чини дека тонот во различните земји-членки е спротивен.
Дали повеќејазичноста во ЕУ се зајакнува? Често се нагласува дека јазичната разновидност е загарантирана со Повелбата за основните права на ЕУ. Почитувањето на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства е еден од основните принципи на Повелбата. Дискриминацијата на лица кои припаѓаат на малцинска група е забранета и Повелбата бара почитување на културната, религиозната и јазичната разновидност во ЕУ.
Сепак, на земјите-членки им е оставено ексклузивно право да ги дефинираат и признаваат националните малцинства во своите граници, како и да одлучуваат за употребата и користењето на националните и регионалните малцински јазици. Како тоа функционира во пракса е добро познато и документирано, доколку, на пример, се земе примерот на Бугарија и Грција и нивните јазични политики.
Пред повеќе од две децении, на почетокот на 2000-тите години, во шведскиот град Лунд се одржа значаен настан. Беше инаугурирана конференција за отворање на Европската година на јазиците, на која се собраа 250 делегати од ЕУ за да ја демонстрираат важноста на јазичната разновидност во Европа.
Конференцијата беше насловена како „Јазична разновидност во Европа – предизвик“, а и претходеше анкета во која само малку повеќе од половина од анкетираните Европејци изјавиле дека добро владеат странски јазик. Повеќејазична Европа изгледаше далеку во 2001 година. Две децении подоцна, во Лунд пред неколку години беше организиран семинар со наслов „ЕУ, иднината и јазиците – повеќејазичност во политиката и практиката“. Тоа беше можност да се постави прашањето што, всушност, се случило за 20 години. Дали ЕУ е поблиску до целта за индивидуална повеќејазичност? Исходот на дискусиите беше дека сликата и понатаму не е јасна, и дека предизвиците во однос на заложбите за јакнење на повеќејазичноста и понатаму остануваат речиси непроменети.
ЕУ продолжува постојано да нагласува дека јазичната разновидност е важен дел од европското културно наследство. Но, во исто време се чини дека тонот во различните земји-членки е спротивен.
Голем број ЕУ-членки сè уште цврсто стојат на определбата дека еднојазичноста, — еден главен јазик за разбирање и комуникација на национално ниво, — е нормално и единствено исправно нешто што треба да се поддржи и практикува. Тој начин на размислување е против зајакнувањето на статусот на мигрантите и нивниот јазик и култура, но во исто време, иако не сосема отворено, е насочен и кон сите малцински јазици и култури.
Популистичките и екстремно десничарските партии во последните години на политичката сцена во повеќе членки на ЕУ бележат успеси во комуникацијата со избирачите, заговарајќи пристап кон решавање на проблемите преку сопствени национални концепти и ограничување на просторот за поддржување и толеранција за различните јазици и култури. Многумина веќе отворено зборуваат дека имигрантите во Западна Европа најдобро ќе го научат јазикот на новата земја доколку го напуштат својот мајчин јазик. Бројката на противниците на двојазичните паралелки и на наставата по мајчин јазик за доселениците, и тоа не само поради буџетските трошоци за таквиот вид образование, не е за потценување.
Внимание во еден поширок контекст секако привлекуваат и пресметките на трошоците кои се прават за многуте јазици на ЕУ. Со посочува износ од преку една милијарда евра. Трошоците за повеќејазичната европска практика се всушност значајно поголеми доколку се додаде и обемната преведувачка работа на ЕУ-документацијата, која се прави локално во земјите-членки. Во рамките на ЕУ се вработени околу 5.000 преведувачи. Во секој случај, со приемот на нови членки бројката на преведувачи е во постојан пораст. Со новите земји кои се очекува да бидат примени во наредните години, или децении, ЕУ ќе добие уште најмалку пет-шест нови јазици – српски, босански, црногорски, македонски, албански и украински – при што бројот на населението ќе изнесува околу 600 милиони жители. Дали една таква империја не би требало да има еден заеднички јазик како работен јазик за меѓудржавниот ЕУ-дијалог?
Но како функционира двојазичноста на официјално државно ниво со унитарно уредување, таму каде што постои? Често во овој контекст се зема како пример Финска, земја со официјално двојазичен статус, со уставно дефинирани два рамноправни јазика на целата територија на државата, мнозинскиот фински и малцинскиот шведски. Шведскиот јазик има официјален статус во Финска, иако шведското малцинство изнесува само нешто повеќе од пет проценти од вкупното финско население, така што граѓаните при контактите со органите на локалната и државната администрација и управа можат да се повикаат и да го користат своето уставно загарантирано право да добијат услуги на својот мајчин јазик.
Но како тоа функционира во пракса, имајќи предвид дека двојазичноста во Финска има мошне долга традиција и е воведена пред повеќе од едно столетие, во 1922 година. Двојазичноста во Финска влече корени низ долг историски процес на еманципирање на финската самостојност, бидејќи Финска долго време била составен дел на шведското кралство.
Искуствата јасно зборуваат дека законските решенија во областа на примената на двата јазика, кои немаат никакви сличности и припаѓаат на две различни јазични групи, постојано наидуваат на спротивставени мислења и поделени симпатии во пошироката Финска јавност. Па и на обиди за политички дисквалификации кои се слушаат и во парламентот. Иако на највисоко ниво двојазичноста сепак не се оспорува, така што оптимистите постојано повторуваат дека официјалната употреба на двата јазика во Финска не е загрозена.
Според повеќе извештаи, сè уште има недостатоци во однос функционирањето на двојазичноста во Финска, особено во однос на правото на лицата што зборуваат шведски да добиваат услуги од властите на својот мајчин јазик, а што според властите во голема мера се должи на недостатокот на персонал што ги разбира двата јазика. Во последниве години, граѓаните се особено загрижени што јазичните услуги не секогаш функционираат во центрите за итни случаи и во социјалната и здравствената заштита.
Според низа извештаи, и покрај мошне долгата, повеќе од стогодишна законска јазична традиција во Финска, посебно тешко е да се добие пристап до двојазична услуга во Хелсинки, иако бројот на луѓе што зборуваат шведски во финскиот главен град е релативно голем. Јазичното законодавство во Финска, всушност, најдобро се спроведува во ограничен дел на земјата, пред сè во двојазичните општини со шведски како мнозински јазик и во општини каде што е поголем процентот на луѓе што зборуваат шведски.
Во последниве години како уште една земја во Европа, која се издвојува во сферата на официјална државна двојазичност, е Македонија. Повеќепати е констатирано дека Законот за употреба на јазиците, како дел од законските решенија за унапредување на малцинските права во Македонија, ги надминува капацитетите и ресурсите на општеството за негово имплементирање, во смисла на правење споредби со европските стандарди во оваа област.
Пошироките искуства јасно зборуваат дека прашањето за капацитетите и ресурсите е директно врзано за квалитетот на сервисот што го добиваат граѓаните. Нема никакво сомнение дека во Македонија тоа најчесто е затскриено во нејасните разграничувања меѓу националните интереси и партиските (меѓуетнички) компромиси.