„СВЕТОТ ЌЕ ЗНАЕ КОЈ ЈА ОПСТРУИРАШЕ РЕЗОЛУЦИЈАТА“ Не помина текстот за Ормуз во ОН по ветото на Русија и Кина

Резолуцијата на Бахреин, која предвидуваше интервенција „со сите средства“ за отворање на Ормускиот Теснец, беше блокирана со вето од Русија и од Кина. Американскиот амбасадор во Обединетите Нации предупреди дека светот ќе види кој застанал зад опструкцијата и дека овој неуспех не ги ограничува САД во нивната воена кампања.

1,055

Резолуцијата за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец не помина во Советот за безбедност на Обединетите Нации, откако Русија и Кина ставија вето на документот што предвидуваше интервенција „со сите потребни средства“.

Американскиот амбасадор во ОН порача дека светот ќе знае кој ја избрал опструкцијата наместо стабилноста.






– Ормускиот Теснец е премногу важен за светот за да биде заложник или задушен од една земја – изјави Мајк Валц во Њујорк.

Тој директно посочи кон Русија и Кина.

– Светот точно ќе знае кој избра опструкција пред стабилност – додаде тој.

„Една држава да обезбеди слободна пловидба“

Резолуцијата ја предложи Бахреин. Со неа се бараше овластување за една држава или коалиција да обезбеди слободна пловидба.

Во текстот стоеше формулацијата „со сите потребни средства“.

Документот бараше и Иран да ги запре нападите врз комерцијалните бродови  во Теснецот.

„Гласањето не нè ограничува“

Валц нагласи дека одлуката во ОН нема да ја промени позицијата на САД.

– Гласањето не ги ограничува САД во нивната воена кампања – рече тој.

Додаде дека барањата на земјите од регионот биле разумни.

Ормускиот Теснец е клучен за светската трговија со нафта и гас. Од почетокот на војната, сообраќајот таму е сериозно нарушен.

Конфликтот започна на 28 февруари со американско-израелските напади врз Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „вечерва ќе умре цела една цивилизација“. Утринава САД го нападнаа клучниот остров Харг во Теснецот, додека Иран се закани дека ќе напаѓа и подалеку од Блискиот Исток.

Поврзани содржини