ДО КРАЈОТ НА ЛЕТОТО 18 НОВИ УЛИЦИ Општина Аеродром со голем инфраструктурен зафат вреден 138 милиони денари
Премиерот Мицкоски и градоначалникот Митески извршија увид во реконструкцијата на улицата Симеон Кавракиров, дел од проект за обнова на 18 улици во Општина Аеродром.
Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески денеска извршија увид во градежни работи на клучна сообраќајница во Мичурин.
На денешниот настан беше кажано дека започната е целосната реконструкција на една од најзначајните улици во населбата Мичурин во општина Аеродром, Симеон Кавракиров.
Премиерот и градоначалникот извршија увид во почетокот на градежните активности, со што официјално се означи стартот на реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект.
Со должина од 485 метри, улицата Симеон Кавракиров претставува важна сообраќајна артерија низ која секојдневно се одвива интензивен сообраќај.
Реконструкцијата има за цел унапредување на безбедноста, мобилноста и севкупниот квалитет на живот на граѓаните.
Проектот опфаќа целосна обнова на коловозот, изградба на нови и безбедни тротоари, поставување нова асфалтна конструкција. Вкупно 3.950 квадратни метри асфалт и 2.305 квадратни метри тротоари со бехатон. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 22.630.000 денари.
Како што беше посочено, реконструкцијата на улицата Симеон Кавракиров е дел од поширок инфраструктурен зафат на општина Аеродром, што опфаќа реконструкција на 18 улици во вкупна должина од 5,4 километри, со вкупна вредност од 138 милиони денари. Средствата за реализација на проектите се обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски.
Премиерот во изјава за медиумите рече дека многу е важно што се подобрува квалитетот на животот на граѓаните.
– Уште неколку проекти што се финансирани од страна на Владата во општините. Од тоа што можев да го слушнам од градоначалникот, станува збор за вкупен обем на улици и придружна инфраструктура, во вредност поголема од 130 милиони денари, меѓу другото тоа се неколку проекти што покрај што веќе се реализираат од страна на програмата на Владата за финансирање на проекти во општините. Општина Аеродром на овој начин добива додадена вредност и тоа е многу важно затоа што се подобрува квалитетот на животот на граѓаните – нагласи премиерот.
Тој им се заблагодари на градоначалникот, на советниците, на пратениците.
– На сите оние коишто учествуваат во реализацијата на овие проекти, бидејќи само на овој начин, можеме да покажеме дека тоа што го ветуваме тоа и го испорачуваме за граѓаните. Јас сум задоволен кога гледам со каква динамика се работат проектите, еве се запролети и веќе наеднаш повторно сите градилишта се рестартираат, така што очекуваме оваа година сето она што беше почнато со првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа да биде завршено, а следната година да имаме одреден буџет за да објавиме нов повик и нови проекти да реализираме во општините – додаде Мицкоски.
Беше кажано дека Општина Аеродром останува посветена на реализација на проекти што обезбедуваат модерна, безбедна и функционална инфраструктура, во интерес на сите граѓани.
– Ова е трета улица што се реализира од проектот. Веќе се започнати со реализација две улици. Очекувам дека до крајот на летото ќе бидат комплетно реконструирани сите 18 улици – истакна градоначалникот на општина Аеродром.