ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА НОВИОТ АЈАТОЛАХ Е РАНЕТ „Жив е, во некоја форма“
Моџтаба Хамнеи не е виден јавно од Иранците откако беше избран од Собранието на експерти, а неговите први коментари дури вчера беа прочитани од водител на државната телевизија.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти новиот ирански врховен лидер, Моџтаба Хамнеи, чиј татко, поранешниот ирански врховен лидер ајатолахот, Али Хамнеи, беше убиен на првиот ден од американско-израелската војна против Иран, е жив, но „ранет“, објавија британските медиуми.
Тие забележуваат дека Моџтаба Хамнеи не е виден јавно од Иранците откако беше избран од Собранието на експерти, а неговите први коментари дури вчера беа прочитани од водител на државната телевизија.
Ирански функционер во средата изјави дека новоназначениот врховен лидер е лесно ранет, но продолжува да работи откако државната телевизија објави дека е повреден во војната.
„Мислам дека веројатно е (жив). Мислам дека е ранет, но мислам дека веројатно е жив во некоја форма, знаете“, рече Трамп во интервју за „Шоуто на Брајан Килмид“ на Фокс њуз.
Во своето прво јавно обраќање, новиот врховен лидер вети дека ќе го држи Ормускиот теснец затворен и ги повика соседните земји да ги затворат американските бази на нивна територија или Иран ќе ги нападне.
САД и Израел започнаа напади врз Иран на 28 февруари. Иран одговори со свои напади врз Израел и земјите од Заливот во кои има американски бази. Додека војната, која одзеде многу животи и ги потресе финансиските пазари, се ближи кон крајот на втората недела, лидерите на Иран, Израел и САД изразија пркос и ветија дека ќе продолжат да се борат.