РЕАЛИЗИРАМЕ ИНВЕСТИЦИСКИ ЦИКЛУС ОД НЕКОЛКУ МИЛИЈАРДИ ЕВРА НА КОРИДОРИТЕ Николоски во Светска банка зборуваше за брзата железница и за автопатот на коридорот 8

Во своето обраќање на министерскиот состанок во Вашингтон, вицепремиерот посочи и дека веќе се работи на проект преку кој треба да се поврзат Коридорот 10 и Коридорот 4 во Бугарија, а со тоа Македонија да се поврзе кон Турција и Блискиот Исток. 

32

Реализираме инвестициски циклус од неколку милијарди евра во развој и модернизација на коридорите во Македонија. Работиме на изградба и модернизација на автопатски делници, инвестираме во изградба на брза пруга на Коридор 10 и железничко поврзување на Исток, а со поддршка на Светска банка работиме на модернизација на граничните премини со Албанија и Бугарија, истакна заменик претседателот на Владата, Александар Николоски на министерскиот состанок во Вашингтон, организиран од Светска банка.

Николоски рече дека имаме среќа што двата пан европски коридори се пресекуваат во нашата земја и дека владата се обидува да ги развие двата коридора преку повеќе инвестиции.






– Со нашите партнери и пријатели од Обединетото Кралство работиме на изградба на брза пруга која треба да оперира до 200 км на час за патнички сообраќај  и 120 км на час за транспорт. Потпишавме договор со нашите бугарски соседи за заедничко железничко поврзување на Коридорот 8 и го развиваме овој коридор со финансиска поддршка од ЕУ и неколку банки.  Со Светска банка тесно соработуваме на проектот за локални патишта каде во секоја општина градиме локални патишта.  Работиме и на модернизација на најголемиот граничен премин со Албанија, потоа и на најголемиот граничен премин со Бугарија на Коридор 8.  Исто така работиме и на проект со Царината. Тоа е проект за нов едношалтерски систем, кој треба да овозможи товарниот сообраќај да биде многу побрз и многу поефикасен – рече Николоски.

Во своето обраќање посочи и дека веќе се работи на проект преку кој треба да се поврзат Коридорот 10 и Коридорот 4 во Бугарија, а со тоа Македонија да се поврзе кон Турција и Блискиот Исток.

Поврзани содржини