ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА РЕКЛАМИРАЛЕ КРЕДИТИ СО 0% КАМАТА, ПА НАПЛАЌАЛЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ ТРОШОЦИ Министерството за финансии им даде рок да се усогласат со законите

За време на контролата на финансиските друштва е утврдено дека користеле повеќе веб страници со имиња на брендови кои не се совпаѓале со името на кое им е регистрирана дозволата за работа со што ги доведувале во заблуда граѓаните.

1,249

Некои од финансиските друштва во земјава рекламирале  бескаматни кредити, но потоа на граѓаните им пресметувале дополнителни трошоци. Дел од нив користеле имиња на брендови и повеќе веб страници кои не се совпаѓале со името на нивната дозвола за работа, со што ги доведувале во заблуда граѓаните.

Ова го утврди Министерството за финансии за време на надзорот на работењето на финансиските друштва во земјава.






-Констатирани се одредени измамнички трговски практики коишто се однесуваат, мeѓу другото  на рекламирањето на финансиските услуги и други дејствија од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите – велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека при надзорот констатирани се рекламирања со 0% камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци.

– Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб страни од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво – велат од Финансии.

Министерството на сите финансиски друштва кај коишто утврди неправилности им наложи да ги отстранат сите реклами и натписи во деловните простории коишто би можеле да ги доведат граѓаните во заблуда.

-Во спротивно Министерството за финансии ќе ги преземе расположливите мерки во насока на заштита на граѓаните како корисници на финансиските услуги – велат оттаму.

Финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот согласно дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и користење една веб страна, која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор.

Согласно Законот за заштита на потрошувачите одредена трговска практика се смета како измамничка доколку во содржината изостануваат битни инфромации што на потрошувачот му се потребни за да донесе правилна одлука.

Поврзани содржини