КОГА СЕ ЗДРУЖЕНИ ОПШТИНИТЕ ПОЛЕСНО СЕ СПРАВУВААТ СО ОТПАДОТ, ПОЖАРИТЕ… Стратешки процес за зајакнување на меѓуопштинската соработка
Министерството за локална самоуправа има централна улога во следењето и поттикнувањето одржлив локален и регионален развој, како и во следењето и унапредувањето на меѓуопштинската соработка во државата, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Меѓуопштинската соработка е клучната алатка за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи, особено за поефикасно обезбедување јавни услуги и за решавање на заедничките предизвици меѓу општините, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински во воведното обраќање на практичната работилница „Од политика до практика: Зајакнување на меѓуопштинската соработка во локалната самоуправа“ што ја организираа Министерството за локална самоуправа и СИГМА.
– Министерството за локална самоуправа има централна улога во следењето и поттикнувањето одржлив локален и регионален развој, како и во следењето и унапредувањето на меѓуопштинската соработка во државата – рече Перински.
Работилницата е организирана да обезбеди платформа за заедничка дискусија меѓу претставниците на локалната самоуправа и националните и меѓународните експерти за начините за зајакнување на меѓуопштинската соработка, за да се соберат мислења и предлози од различни перспективи и да се даде придонес кон идните реформски политики во оваа област.
Воведни обраќања одржаа министерот Златко Перински, генералниот секретар на Влада, Игор Јанушев, вицепремерот и министер за европски прашања Беким Сали, а учествуваа и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и Баграт Тунјан од ОЕЦД/СИГМА.
– Ако сакаме општините целосно да ги искористат европските фондови, и претпристапните и идните структурни фондови, мора да ги зајакнеме административните капацитети и механизмите за соработка на локално ниво. Европската Унија не финансира фрагментација. Таа финансира подготвеност, координација и одржливост – посочи министерот Сали.
Фокусот на сесиите беше ставен на развојот на нови и унапредени механизми и политики за зајакнување на меѓуопштинската соработка, анализа на добрите практики од национално и меѓународно ниво, како и разгледување на можни измени и дополнувања на правната рамка, врз основа на досегашните искуства и идентификуваните предизвици.
– Токму меѓуопштинската соработка е идентификувана како инструмент за надминување на регионалните и меѓуопштинските разлики, преку искористување на целосниот потенцијал на човечкиот капитал и на ресурсите на микрорегионално ниво, регионално ниво, но и на прекугранично ниво, во контекст на ЕУ политиките за територијална кохезија – потенцираше генералниот секретар Јанушев.
Како Влада, додаде Јанупев, ги поздравуваме сериозните напори на Министерството за локална самоуправа и другите клучни министерства и засегнати институции во областа, континуирано и посветено да работат за интегрирање на реформските чекори со креирање и спроведување на информирани и одржливи политики во областа на меѓуопштинската соработка.
Јулијана Павковска Боцевска, државен секретар во Министерството за локална самоуправа, имаше презентација на активностите кон зајакнување на меѓуопштинската соработка.
– Отпочнувањето процес за унапредување на законското решение кое ја уредува меѓуопштинска соработка е уште еден од низата чекори кои минстерството ги презема во насока на зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи, постигнување на локален одржлив развој и унапредување на децентрализацијата – нагласи Павковска Боцевска.
Искуствата од бројни европски земји покажуваат дека преку здружување на капацитетите, општините можат полесно да обезбедат услуги како управување со отпад, урбанистичко планирање, противпожарна заштита, инспекциски служби или техничка администрација, додаде таа.