НЕ ИМ ДОАЃА ПАМЕТОТ Уште четворица приведени за возење без дозвола

По документирањето на случаите, против дел од возачите ќе бидат поднесени пријави за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.

116

Полицијата вчера и завчера привела четворица возачи на различни локации во Пелагонискиот регион, откако при сообраќајни контроли било утврдено дека управувале возила без возачка дозвола.

Завчера наутро, на улицата „Маршал Тито“ во Демир Хисар, полициски службеници сопреле патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Н.П. (20) од Битола. При контролата било утврдено дека возачот нема важечка возачка дозвола, по што бил приведен.






Истиот ден претпладне, во прилепско, полицијата го привела Т.М. (59) од селото Годивље, општина Кривогаштани. Тој бил сопрен додека управувал „југо“ со прилепски таблички, а при проверката било утврдено дека воопшто нема возачка дозвола.

Попладнето завчера, на локалниот пат меѓу селата Алдинци и Норово во крушевско, се случила сообраќајна незгода меѓу „мерцедес“ со крушевски регистарски ознаки, управуван од С.А. (40) од селото Белушино, и „фиат“ со прилепски таблички, зад чиј волан бил Н.Р. (50) од селото Норово. По незгодата, Н.Р. го напуштил местото на настанот, но подоцна бил пронајден и приведен. При проверката било утврдено дека и тој управувал без возачка дозвола.

Вчера попладне, на место викано „Буково“ кај Ресен, полицијата запрела „ауди“ со прилепски регистарски ознаки управувано од В.С. (40) од Прилеп. Контролата покажала дека возилото го управувал пред да стекне право за управување со моторно возило.

По документирањето на случаите, против дел од возачите ќе бидат поднесени пријави за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, додека за останатите се преземаат мерки за расчистување на настаните.

Поврзани содржини