КОГА ШКЕНДИЈА ГУБИ БОДОВИ, ВИНОВНИ ИМ СЕ СУДИИТЕ Тетовскиот клуб е еден од најзаштитените тимови, реагираат од ФФМ
Фудбалската федерација возврати на обвинувањата од Шкендија и порача дека нема да подлегне на притисоци, нагласувајќи дека клубот од Тетово статистички е еден од најзаштитените во лигата.
Фудбалската федерација на Македонија остро реагираше на обвинувањата на ФК Шкендија дека федерацијата го фаворизира ФК Вардар, оценувајќи дека тетовскиот клуб бара алиби секогаш кога ќе загуби бодови.
Реакцијата на ФФМ доаѓа откако Шкендија ремизираше 1:1 против Брера, додека Вардар славеше со 1:0 против Силекс. По овие резултати, тетовскиот клуб обвини за нееднаков судиски третман и најави дека ќе се обрати до УЕФА.
Од ФФМ, пак, тврдат дека статистиката покажува сосема поинаква слика.
„Интересно е што токму оваа сезона во Првата МФЛ клубот од Тетово е статистички еден од најзаштитените, без практично ниту една сериозна судиска грешка на нивните натпревари. Тоа е факт кој одамна не е тајна“, велат од федерацијата.
Во реакцијата се наведува дека од Тетово не реагирале кога одредени судиски одлуки биле во нивна корист.
„Кога резултатите одат во нивна корист, тогаш нема соопштенија. Како минатата сезона, кога скандалозни судиски одлуки на натпреварот со Тиквеш им помогнаа да стигнат до титулата. Тогаш немаше загриженост за интегритетот на натпреварувањето“, стои во соопштението.
Од ФФМ посочуваат и дека Шкендија сега го споменува натпреварот меѓу Силекс и Вардар, иако од Силекс, како директен учесник на тој меч, немало никаква реакција за судењето.
Федерацијата потсетува и на инциденти на стадионот во Тетово, кога судиите биле гаѓани со предмети.
„Интересно е што од Тетово немаше ниту збор реакција кога на нивниот стадион судиите беа гаѓани со скалпел и погодени со метални пари и запалки“, се наведува во реакцијата.
Од ФФМ порачаа дека нема да подлегнат на притисоци.
„Ова раководство на ФФМ нема намера да подлегнува на вакви обиди за притисок. ФФМ ќе продолжи да го штити единствено интегритетот на натпреварувањето, без привилегирани и без недопирливи. Правилата важат за сите, без исклучок“, наведуваат од федерацијата.
По 22 одиграни кола во македонската прва лига, Вардар е лидер на табелата со 55 бодови, додека Шкендија е втора со 52.