ВИДЕОЛОТАРИЈА СО ЕДУКАЦИЈА ЗА МЛАДИТЕ Работилница за ризиците од прекумерно играње
Едукативната работилница се одржа во рамки на проектот „Играј одговорно“, со цел младите навреме да ги препознаат ризиците од зависност од игри на среќа.
Ученици од осмо и деветто одделение во училиштето „Круме Кепески“ присуствуваа на едукативна работилница посветена на превенцијата од зависности и ризиците од прекумерно играње игри на среќа. Работилницата се одржа во рамки на проектот „Играј одговорно“, со поддршка на Државна Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија.
Едукативното предавање го одржа прим. д-р Павлина Васкова, специјалист невропсихијатар, која пред учениците зборуваше за предизвиците поврзани со зависностите и за важноста од навремена превенција и информираност.
На работилницата беа споделени информации за тоа како се развива зависноста, кои се нејзините последици и зошто младите треба да бидат внимателни кога станува збор за игрите на среќа. Посебен акцент беше ставен на улогата на образованието и информирањето како клучни механизми за спречување на проблематично однесување.
Од Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија велат дека едукацијата е еден од најважните сегменти во промоцијата на одговорното играње.
– Како компанија која уште од самиот почеток сериозно и системски пристапува кон ова прашање, преку едукација, навремено информирање и грижа за играчите активно придонесуваме кон превенција на негативните последици од прекумерното играње и кон градење култура на одговорно играње – велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека поддршката на вакви активности е дел од поширока стратегија за превенција од зависности и подигање на јавната свест.
– Континуирано ги развиваме кампањите за одговорно играње, со посебен фокус на превенција од прекумерно и проблематично играње. Дел од оваа заложба е и постојаната едукација за ризиците од компулсивното играње – посочуваат од Видеолотарија Касинос Австрија.
Како дел од овие активности, во 2019 година беше формиран и СОС тим – прв од ваков вид во земјава. Тимот управува со СОС линија преку која граѓаните можат да добијат телефонска или електронска поддршка од стручен тим составен од психолози и психијатри.
Од компанијата нагласуваат дека нивните активности се препознаени и на европско ниво, па така се носители на сертификат за одговорно приредување игри на среќа од Европската асоцијација на лотарии.
– Ова признание ја потврдува нашата долгорочна заложба за одржливо делување, поддршка на спортски, образовни и културни проекти, како и заштита и едукација на играчите – велат од компанијата.
Од Видеолотарија уште еднаш потсетуваат дека учеството во игрите на среќа е дозволено исклучиво за лица над 18 години, согласно законските регулативи и принципите на одговорно приредување игри на среќа.