МУ НАПРАВИВМЕ УСЛУГА НА СВЕТОТ Трамп се пофали дека се уништени морнарицата и воздушните сили на Иран
Американскиот претседател оцени дека ако не биле уништени нуклеарните објекти на Иран, тие би биле искористени.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има намера да ги сведе американските жртви во војната против Иран на минимум.
Трамп тврди дека нападот врз Иран што го наредил бил „услуга за светот“. Тој се обрати на медиумите за време на самитот „Штит на Америка“ во Флорида, каде зборуваше за американските војници кои загинале, но и за нападите врз Иран.
Тој го опиша иранскиот режим како „многу болни луѓе“.
Според неговите зборови, американската војска онеспособила 42 ирански воени бродови и голем дел од иранските воздухопловни сили.
– Многу добро работиме во Иран, ги гледате резултатите. Неверојатно е, уништивме 42 воени бродови, некои од нив многу големи, за само три дена. Тоа беше крај на нивната морнарица. Им ги уништивме и воздушните сили и комуникациите – изјави Трамп.
Говорејќи за иранските лидери, тој рече дека се лоши луѓе и дека нападите биле неопходни.
Трамп додаде дека, според него, Иран бил многу блиску до развој на нуклеарно оружје, и дека тоа можело да се случи пред околу осум месеци ако не биле американските напади врз нивните нуклеарни објекти за време на 12-дневната војна минатиот јуни.
– Тие се луди и би го искористиле тоа. Така му направивме услуга на светот – рече Трамп.