ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ ГО ОСУДИ ПОТЕГОТ НА СОФИЈА КОН АДВОКАТОТ МЕНКИНОСКИ Очекува реакција од европските организации за човекови права
Демократскиот сојуз очекува реакција од европските и од меѓународните организации за човекови права за овој чин, а истовремено ги повикува македонските власти да реагираат со протестна нота до Софија.
Демократскиот сојуз го осудува потегот на властите во Софија да му изречат забрана за влегување во државата во траење од 10 години на адвокатот Тони Менкиноски, правен застапник на здруженијата на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.
„Ова е чин без преседан во земја членка на Европската Унија која му забранува право на движење и професионален ангажман на еден адвокат во земја членка на ЕУ само поради фактот што застапува граѓани кои се борат за своите малцински права. Бугарија со оваа постапка пред цела Европа дрско и безобразно демонстрира дека не само што не ги признава Македонците како малцинство, туку ја попречува и нивната битка за регистрација на здруженијата што ја водат пред Судот за човекови права во Стразбур, кој досега изрече 14 пресуди во нивна полза“, се наведува во реакцијата на Демократскиот сојуз.
Според партијата, очигледно е дека официјална Софија, која со години ја игнорира правдата од Стразбур, почнува да покажува нервоза и на бескрупулозен начин да се пресметува со оние кои успеваат да го докажат нејзиното антицивилизациско поведение на негирање на Македонците.
Демократскиот сојуз очекува реакција од европските и од меѓународните организации за човекови права за овој чин, а истовремено ги повикува македонските власти да реагираат со протестна нота до Софија.