РЕЧИСИ 200 ДЕЦА УБИЕНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА НАПАДИТЕ ВРЗ ИРАН Пресметка на УНИЦЕФ за жртвите на Блискиот Исток
„Децата не започнуваат војни, но за нив плаќаат неприфатливо висока цена. Воената ескалација низ Блискиот Исток веќе има разорно влијание врз децата“, порача УНИЦЕФ.
Речиси 200 деца се убиени низ Блискиот Исток од саботата, од првиот напад на САД и Израел врз Иран, соопшти УНИЦЕФ.
Според податоците на организацијата, најмалку 181 дете се убиени во Иран, седум во Либан, три во Израел и едно во Кувајт.
„Децата не започнуваат војни, но за нив плаќаат неприфатливо висока цена. Воената ескалација низ Блискиот Исток веќе има разорно влијание врз децата“, порача УНИЦЕФ.
Во текот на првиот ден од американските и израелските напади врз Иран беше погодено училиште за девојчиња во градот Минаб на југот на земјата, при што, според Иранската револуционерна гарда, загинале најмалку 175 ученички.
Нападот се случил во саботата откако САД и Израел најавија заеднички напади врз Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи ги обвини САД и Израел за убиството на ученичките.
„Ова се гробови што се копаат за повеќе од 160 невини девојчиња убиени во американско-израелското бомбардирање на основно училиште. Нивните тела се распарчени“, напиша Аракчи на социјалната мрежа Икс, објавувајќи и фотографија од свежо ископани гробови.
Израелската војска соопшти дека не знае за никакви израелски или американски напади во тој регион, додека САД најавија истрага и истакнаа дека нивните напади се насочени исклучиво кон воени цели.