📷 МАКЕДОНЦИ БЕГАА ОД СИРЕНИ И РАКЕТИ Првата група пристигна во Скопје

Дел од евакуираните раскажале дека секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени.

1,664

Првата група македонски државјани евакуирани од Израел вечерва пристигна во Скопје, откако претходно беа пренесени преку Египет во сложена операција организирана со помош на дипломатско-конзуларните претставништва.

На скопскиот аеродром патниците ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој информираше дека евакуацијата била целосно организирана од македонската амбасада.






– Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел, кои беа евакуирани преку Египет. Таму беше целосно организиран превоз за нив од страна на Амбасадата. Во Израел остануваат уште седуммина граѓани кои во моментов не се расположени за евакуација, односно чекаат да се ослободи воздушниот простор и евентуално да се вратат подоцна со приватен лет преку приватна компанија – изјави Димитровски.

Тој нагласи дека институциите прават напори најдоцна до понеделник сите македонски државјани кои сакаат да се вратат да бидат пренесени во земјата.

– Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови, организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија – посочи Димитровски.

Според него, граѓаните кои пристигнале во Скопје изразиле голема благодарност што им било овозможено безбедно да се вратат дома.

– Граѓаните кои пристигнаа вечерва велат дека секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени. Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите било необично и тешко искуство. Некои биле затекнати во Израел токму кога сакале да се вратат, но аеродромите биле затворени. Тие изразија голема благодарност за комуникацијата со нашата амбасада и за тоа што им било овозможено безбедно да се вратат дома – рече Димитровски.

Меѓу евакуираните имало и двајца ракометари кои се вратиле заедно со своите родители.

Димитровски информираше и дека во земјите од Заливот моментално има околу 600 македонски државјани, од кои најголем број се во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број и во Бахреин и Кувајт.

Поврзани содржини