„РУСИТЕ НЀ УБИВААТ, А НИЕ ТРЕБА ДА МУ ДАДЕМЕ НАФТА НА ОРБАН“ Зеленски не сака да го обнови нафтоводот „Дружба“
Украинскиот претседател изјави дека обновувањето на нафтоводот што пренесува руска нафта има и политичка димензија, додека Унгарија и Словачка бараат брза реконструкција на оштетената инфраструктура.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека прашањето за обновување на нафтоводот „Дружба“, кој беше оштетен во руски напади, има не само техничка, туку и силна политичка димензија. Тој додаде дека, според неговиот став, не вреди да се обновува оштетениот нафтовод.
– Да бидам искрен, јас не би го обновил. Тоа е мојот став. Ова им го кажав на лидерите на Европа и на оние што ми се обратија за ова прашање, како и на раководството на Европската Унија. Станува збор за руска нафта. Постојат принципи што немаат цена. Русите нè убиваат, а ние треба да му даваме нафта на унгарскиот премиер Виктор Орбан затоа што без неа не може да победи на избори – изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.
Тој нагласи дека Украина не го блокира пристапот до објектот за претставници на Европската комисија, но смета дека официјалната потврда од Киев за уништувањето на инфраструктурата е доволна.
Во врска со барањето на Унгарија и Словачка Европската Унија да испрати независни експерти кои ќе ја утврдат состојбата на нафтоводот, Зеленски порача дека Украина е суверена држава и дава точни информации за штетата.
– Ние сме независна земја. Имаме нафтовод кој Русија го уништи неколку пати, а при второто уништување имаше и повредени. Кога побараа проверка, јасно кажавме дека имало уништување. Не мислам дека претставниците на ЕУ не ни веруваат. Нашиот збор треба да биде доволен. Со текот на годините покажавме дека сме вистински партнери – рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина очекува официјално барање од Унгарија и од земјите членки на ЕУ за пристап до оштетената инфраструктура на нафтоводот „Дружба“ за евентуална инспекција.
Зеленски потсети и дека Европската Унија ја поврзува финансиската помош за Украина, како и заемот од 90 милијарди евра, со обновувањето на нафтоводот.
Генералниот директор на украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“, Сергеј Коретски, изјави дека ќе бидат потребни околу месец и половина за да се обезбеди технолошката подготвеност на инфраструктурата.
Тој додаде дека компанијата паралелно подготвува проектна и буџетска документација за реставрација и за изградба на алтернативен нафтовод.
Според Коретски, најголемата штета се случила на 27 јануари во близина на градот Броди, каде што е уништена главната пумпна станица.
– Станува збор за инфраструктура од големи размери: пумпни единици, компресори, кабелски системи, контролни панели и електроника. Објектот бара сеопфатна реставрација. Неопходно е и поставување резервоар за испуштање кој ќе го штити системот од прекумерен притисок и ќе спречи еколошка катастрофа – рече Коретски.
Тој нагласи дека во европските земји подготовката на ваков проект би траела од три до шест месеци.
Нафтоводот „Дружба“ е еден од најголемите системи за транспорт на руска нафта во Европа и има значително влијание врз снабдувањето на рафинериите во неколку земји од регионот.
Испораките преку јужниот крак на цевководот, кој минува низ украинска територија, беа прекинати на 27 јануари, откако руски напад ја оштети инфраструктурата и предизвика пожар во пумпна станица. Оттогаш транспортот на нафта кон рафинериите во Унгарија и Словачка е суспендиран.
Премиерите на овие две земји, Виктор Орбан и Роберт Фицо, го обвинија Киев дека намерно го одложува обновувањето на транспортот од политички причини.
Од украинска страна, пак, се наведува дека поправките се технички сложени и се изведуваат под постојана закана од нови руски напади.
Спорот дополнително се заостри кога Будимпешта и Братислава делумно го прекинаа снабдувањето со енергија за Украина, вклучително и дизел и итни испораки на електрична енергија. Унгарија исто така се закани дека ќе ги блокира новите санкции на Европската Унија против Русија сè додека не се обнови транспортот на нафта преку „Дружба“.