НАФТОВОДОТ „ДРУЖБА“ НЕ Е ОШТЕТЕН, ПРЕКИНОТ Е ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ Словачка се повикува на сателитски снимки и ја обвинува Украина
Нафтата од Русија престана да тече преку нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка на 27 јануари. Украина тврди дека причината е руски напад врз нафтената инфраструктура во градот Броди во регионот Лавов.
Словачката разузнавачка служба тврди дека на 27 јануари не е предизвикана штета на нафтоводот „Дружба“ во Украина, што би го спречило транспортот на нафта до Словачка и Унгарија, изјави денеска портпаролката на службата, Наталија Холубова.
Според словачката разузнавачка служба, разузнавачките податоци се потврдени со сателитски снимки од местото на инцидентот.
Словачката разузнавачка служба наведува дека сателитските снимки ги потврдуваат тврдењата на претставници на словачката Влада дека „застојот во транспортот на нафта до територијата на Словачка е од политичка, а не од техничка природа“.
Снимките се направени на 21 февруари и 1 март.
„(Снимките) исто така покажуваат дека од оштетувањето на резервоарот за гориво не дошло до промена состојбата на објектот, што значи дека украинската страна речиси сигурно не направила никакви поправки, а на терен нема видливи траги од обиди за санирање на штетата“, додаде Холубова.
Нафтата од Русија престана да тече преку нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка на 27 јануари. Украина тврди дека причината е руски напад врз нафтената инфраструктура во градот Броди во регионот Лавов.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо се сомневаат дека Киев ја користи ситуацијата за политички притисок и мешање во унгарската изборна кампања. Украина ги отфрла обвинувањата и тврди дека работи на санирање на оштетената инфраструктура.