РУСИЈА И УНГАРИЈА ЈА ЗАЦВРСТУВААТ СОРАБОТКАТА Путин и Сијарто ја потврдија испораката на енергенси

Русија и Унгарија ја зацврстуваат соработката во енергетиката, со посебен фокус на нуклеарната централа Пакш и снабдувањето со нафта преку гасоводот Дружба.

135

Рускиот претседател Владимир Путин денеска на почетокот од разговорите со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека односите меѓу двете земји се стабилни и се развиваат позитивно, особено во енергетскиот сектор. Информацијата ја објави прес-службата на Кремљ.

– Севкупно, односите се стабилни и се развиваат позитивно, особено кога станува збор за енергетската политика, вклучувајќи јаглеводороди и нашиот водечки проект – нуклеарната централа Пакш – рече Путин.






Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно информираше дека на средбата ќе се разговара и за снабдувањето со нафта, вклучително испораките преку гасоводот Дружба, објави РИА Новости.

Сијарто на својата Фејсбук страница истакна дека е во Москва за да се увери и „да добие гаранција дека количината на нафта и гас потребна за енергетската безбедност на Унгарија ќе биде испорачана по иста цена, и покрај променетите околности и глобалната енергетска криза“.

Министерот додаде дека снабдувањето со енергија се соочува со предизвици откако од крајот на јануари украинските власти го блокираа транспортот на руска нафта преку нафтоводот Дружба.

Дополнително, Путин вчера оствари и телефонски разговор со унгарскиот премиер Виктор Орбан, во кој, како што е соопштено, биле разменети информации за енергетските прашања.

Поврзани содржини