ВИКТОР СТОЈАНОВ Е ЛИЦЕТО ОСОМНИЧЕНО ЗА ШИРЕЊЕ ГОВОР НА ОМРАЗА Се прослави со антимакедонските објави и провокации
Стојанов поттикнувал тензии и преку добро организираната мрежа на портали и поткасти, а поврзан е со проруска партија и со ултранационалистичка групација во Бугарија.
Бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, е опфатен со кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, дело казниво по член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Стојанов ѝ е добро познат на македонската јавност по низа антимакедонски објави и провокации со кои го негира постоењето на македонската нација. Во јавноста беше споменуван и по кампањите за нудење 300 евра за промена на презимиња во „ов/ев“, донирање бугарски знамиња, обезбедување сателитска телевизија со бугарски канали, како и ширење пропаганда и поттикнување тензии преку мрежа на портали и поткасти.
Преку неговата фондација „Македонија“ е регистриран и сајтот supportbginmk.eu, на кој се објавуваат случаи за, како што се наведува, „репресирани“ Бугари од Македонија и се поднесуваат претставки до институциите на ЕУ и Советот на Европа.
Стојанов се поврзува и со бугарската партија „Преродба“, а во јавноста се споменува и како идеолошки близок до Благовест Асенов од ултранационалистичката групација „Национален отпор“, која заедно со „Бугарскиот национален сојуз“ е организатор и поддржувач на Луковиот марш.
Од Агенција за национална безбедност соопштија дека акцијата следела по претходно обезбедени информации за субверзивно-пропагандни активности на домашни и странски недржавни актери.
— Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи синхронизирано презедоа организирани мерки за кривично-правен прогон на лица и одземање пропагандни материјали кои имаат цел да предизвикаат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните — велат од АНБ.
Според Агенцијата, лицата опфатени со пријавата преку печатење и дистрибуција на материјали планирале да поттикнат омраза кон македонската држава и идентитет.
— Активностите биле координирани по насоки на бугарски државјанин кој подолг период преку социјалните мрежи и бот-мрежа на портали спроведува пропагандни активности со цел поттикнување омраза и нетрпеливост — информираат од Агенцијата.
Оттаму најавуваат дека во координација со други институции ќе продолжат со мерки за откривање и спречување вакви дејствија.
Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека е оформен предмет по кривична пријава од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при МВР.
— Осомничениот преку посебно креирана страница на Фејсбук споделувал содржини што предизвикуваат национална и етничка дискриминација и поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет — велат од Обвинителството.
По претходни сознанија на АНБ, полицијата извршила претрес и одзела пропаганден материјал што 30-годишен скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава.
— На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој подолг период објавува содржини со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство — додаваат од ОЈО.
Обвинителството посочува дека во координација со надлежните органи продолжува со обезбедување докази.