КОНФЛИКТОТ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЗАСЕГА НЕМА ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА И НЕЈЗИНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ Народна банка ќе реагира, ако состојбата се промени

Вицегувернерката Ана Митреска оценува дека засега, најверојатните сценарија се умерени, со оцени за побрзо смирување на воените операции, ограничени ефекти врз снабдувањето и цените на енергенсите и помали економски последици.

49

Народната банка внимателно ги следи сите поместувања поврзани со конфликтот на Блискиот Исток и е подготвена да реагира со соодветни инструменти доколку се појават поизразени и подолготрајни ефекти врз домашната економија, вели вицегувернерката Ана Митреска.

– Засега, најверојатните сценарија се умерени, со оцени за побрзо смирување на воените операции, ограничени ефекти врз снабдувањето и цените на енергенсите и помали економски последици. Доколку дојде до ескалација и ако се покаже дека ефектите од конфликтот се подолготрајни, со посилни притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, централната банка има простор да реагира со повеќе инструменти за стабилизација што ѝ стојат на располагање – изјави Митреска во интервју за телевизија Телма.






Таа посочи дека каналите преку коишто може да се пренесе растот на светските цени на енергенсите и кај нас се директни и индиректни. Директните се однесуваат на пренесувањето на овој раст директно врз домашните цени, како и врз вкупниот увоз, а индиректните ефекти би ги почувствувале преку промените на економските изгледи на нашите трговски партнери, односно земјите од Европската Унија.

Досегашните оцени за последиците од конфликтот за европската економија, според Митерска посочуваат на ограничени ефекти врз инфлацијата и растот односно нема очекувања за некои големи промени во надворешното окружување за домашната економија гледано низ оваа перспектива.

– Народната банка постојано ги следи состојбите и можните ефекти врз македонската економија. Во изминатите години, напоредно со справувањето со кризите, градевме дополнителен простор и капацитет за ублажување на можните нови шокови. Девизните резерви во моментов се околу 70% над нивото пред пандемијата, а отпорноста на банкарскиот систем според сите параметри, дополнително зајакна во изминативе неколку години. Оттука, нема дилема околу континуитетот во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и на вкупната макроекономска стабилност – вели Митреска.

Поврзани содржини