ШПАНИЈА НЕ СЕ ИСПЛАШИ ОД ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП Ние сме во ЕУ и во НАТО, а имаме ресурси да поднесеме шокови

Ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД, порача Мадрид.

449

Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја „прекине целата трговија“ со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводнота несоработка околу воените бази.

Во соопштението, извршната власт изјави дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.






Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е „клучна членка на НАТО“ која ги исполнува своите обврски и „значително придонесува“ за одбраната на европската територија.

„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји во светот, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, рекоа оттаму.

И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на можните шокови, помагање на секторите што би можеле да бидат погодени и диверзификација на синџирите на снабдување.

Во секој случај, волјата на владата „е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите“, сè со „меѓусебно почитување“ и „почитување на меѓународното право“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, одговарајќи на заканата на Трамп дека може да ја прекине трговијата со Шпанија поради нејзиниот став за војната во Иран, денеска изјави дека ставот на шпанската Влада е јасен – „не за војната“.

– Шпанија се противи на кршење на меѓународното право и не сака повторување на грешките од минатото. Не на војна – истакна Санчес. Тој додаде дека американските закани и притисоци можат да ги стават животите на милиони луѓе на ризик.

Премиерот предупреди дека конфликти како оние во Ирак доведоа до пораст на џихадистичкиот тероризам и зголемување на цените на енергенсите, и нагласи дека нападот врз Иран нема да донесе поправеден меѓународен поредок.

– Ние нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме нечија одмазда – порача Санчес.

 

 

 

📽️ „УЖАСНИ СЕ, НЕ САКАМЕ ПОВЕЌЕ НИШТО СО НИВ“ Трамп ја критикуваше Шпанија, најави прекин трговските врски

 

Поврзани содржини