ДО 350.000 ДОЛАРИ ЗА ПРИВАТЕН ЛЕТ Супербогатите плаќаат богатство за евакуација од Блискиот Исток

Приватни компании организираат конвои и чартер-летови додека тензиите во регионот растат.

305

Елитни поединци и високи раководители на глобални компании издвојуваат и до 290.000 евра за приватни летови и специјални теренски конвои за да го напуштат Блискиот Исток, поради влошената безбедносна состојба во регионот.

Според пишувањето на Дејли Мејл, приватни безбедносни компании во моментов резервираат флоти од теренски возила за евакуација на странци од Дубаи до Ријад, од каде тие продолжуваат со приватни авиони кон Европа.






Цените на чартер-летовите нагло скокнале, приватен лет од Ријад до европски дестинации достигнува и до 350.000 долари. Саудиска Арабија во моментов се наметнува како главна излезна точка од регионот, бидејќи аеродромот во главниот град е меѓу ретките што сè уште функционираат.

Кои се евакуираат?

Меѓу оние што брзаат да заминат има богати поединци, бизнис-лидери и менаџери на глобални финансиски компании. Дел од нив се нашле во регионот на одмор или службено патување кога започнала ескалацијата.

Ситуацијата дополнително се влоши откако иранските напади погодија повеќе држави во Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединети Арапски Емирати, Катар и Бахреин, кои досега важеа за релативно безбедни.

Удар врз клучна нафтена инфраструктура

Во вторникот, најголемата нафтена рафинерија во светот, Рас Танура, беше погодена од ирански дрон, што аналитичарите го оценуваат како сериозна ескалација на тензиите меѓу САД, Израел и Иран.

Нападот повторно ја стави во фокус ранливоста на саудиската енергетска инфраструктура, која и во минатото била цел на слични удари.

Иако Саудиска Арабија засега не е директно погодена во најновиот бран, безбедносната состојба во регионот останува непредвидлива и брзо променлива.

Поврзани содржини