НАТО ГИ ШТИТИ СИТЕ СВОИ СОЈУЗНИЦИ, НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ БЕЗБЕДНОСЕН ВАКУУМ Руте очекува Македонија да го одигра својот дел
Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети. Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на целиот регион, нагласија на заедничката прес-конференција претседателката Гордана Сиљановска Давкова и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета на земјата.
– Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамките на НАТО да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите, за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кое е втемелено НАТО – потенцира претседателката Сиљановска Давкова.
Таа изрази уверување дека НАТО не е само воен сојуз, туку задница на споделена одговорност, но и најважно – на заедничка визија и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата.
– Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност – рече претседателката.
Сиљановска Давкова истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните предизвици.
– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина, е нашето членство и членството на Западен Балкан во ЕУ – нагласи претседателката.
Марк Руте истакна дека Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата.
– Северна Македонија дава повеќе од 2 процента за одбраната од својот БДП, ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне до 5 проценти како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО. Сакам да ја поздравам поддршката на Северна Македонија за Украина – рече Руте.
Тој истакна дека мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност и дека Македонија игра значајна улога во заштитатат на безбедноста на Западен Балкан.
– Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дОзволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО се посветува кон заштита на сите свои сојузници, од каде што и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел – потенцира Руте на заедничката прес-конференција со Сиљановска-Давкова.