ФРАНЦИЈА ИСПРАЌА ФРЕГАТА И ПРОТИВРАКЕТНИ СИСТЕМИ НА КИПАР Се зајакнува одбраната на островот

Помош за Никозија испраќа и Атина, четири воени авиони Ф-16 веќе се на Кипар, додека пак две фрегати пловат кон островот.

521

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис утрово бил информиран од францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција ќе испрати на Кипар противракетни системи, анти-дрон системи и една фрегата, објави кипарската новинска агенција ЦНА повикувајќи се на свои извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, француската помош е по поднесеното барање за време на двата телефонски разговори во понеделникот, а барање за испраќање фрегата на Кипар, Христодулидис упатил и до германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој одговорил позитивно и наскоро се очекува и официјална одлука од германската Влада.






Помош за Никозија испраќа и Атина, како што вчера соопшти министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас, а четири воени авиони Ф-16 веќе се на Кипар, додека пак две фрегати пловат кон островот.

– Четири авиони Ф-16 на грчкото воено воздухопловство штотуку слетаа на Кипар, по итната реакција на грчката Влада, во рамки на зајакнувањето на превентивните мерки и тесната соработка меѓу Република Кипар и Грција, напиша на Икс портпарлот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, објавувајќи и видео од воените авиони.

Министерот за одбрана на Грција вчера соопшти дека „за подобра координација на активностите со Република Кипар“ денеска ќе биде на Кипар и ќе се сретне со неговиот кипарски колега Василис Палмас.

Рано утрово, според кипарските медиуми имало лажна тревога во областа Акротири каде што се британските бази.

Првично била испратена порака за опасност и итна евакуација од областа, но две минути подоцна следувало појаснување дека станува збор за лажна тревога.

Поврзани содржини