НЕ ПАТУВАЈТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК По ескалацијата од МНР со нов апел до Македонците

Министерството внимателно ја следи безбедносната состојба и подготвува сценарија за евакуација доколку се влошат условите.

70

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги повика македонските државјани да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток, поради актуелната безбедносна состојба.

Од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија информираат дека апелот доаѓа по таргетирањето на Иран кон Израел и повеќе арапски држави, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британска воена база на територијата на Република Кипар.






„Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели и партнери. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност“, соопштија од Министерството.

Оттаму нагласуваат дека со внимание и загриженост ги следат случувањата во регионот, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.

Како што додаваат, приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи престојуваат во овој регион. Дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација со нив.

Министерството, во координација со претставништвата, разгледува повеќе можни сценарија за репатријација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога условите на терен ќе го дозволат тоа и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.

Поврзани содржини