📽️ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ЗАСТАНА НА БАНКОМАТ ВО ЦЕНТАР Сиљановска-Давкова подигаше пари под будно око на телохранителите
Несекојдневната сцена на булеварот „Свети Климент Охридски“ привлече внимание кај минувачите поради засиленото обезбедување.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска беше забележана во несекојдневна ситуација на булеварот Свети Климент Охридски во Скопје — накратко го напушти службениот автомобил за да подигне пари од банкомат.
Додека претседателката ја извршуваше оваа секојдневна обврска, нејзиното обезбедување работеше по строго утврдени протоколи. Еден од телохранителите стоеше грб со грб со неа, внимателно следејќи ја околината, додека друга членка на обезбедувањето привремено го ограничи движењето на пешаците во непосредна близина.
По краткото задржување на банкоматот, Сиљановска-Давкова се врати во службеното возило, по што колоната продолжи по планираната маршрута.
Иако станува збор за сосема вообичаена лична активност, сцената привлече внимание кај случајните минувачи, пред сè поради високите безбедносни мерки што ја следат првата жена претседател на државата.