МАКЕДОНЕЦ КРАДЕЛ ЗА ОДИ ВО ЗАТВОР И ДА СЕ ОДВИКНЕ ОД АЛКОХОЛ Необичен случај во Швајцарија, обвинетиот доби 5 години
29-годишен македонски државјанин во Швајцарија правел серија грабежи и други кривични дела, а судот го осуди на пет години затвор. Обвинетиот изјавил дека целта му била да биде уапсен за да се одвикне од алкохол.
Во швајцарскиот град Бремгартен, 29-годишен македонски државјанин доби петгодишна затворска казна за серија грабежи и други кривични дела извршени во 2024 година. Случајот привлече внимание поради необичното образложение што обвинетиот го дал пред судот, тој сакал да биде уапсен за да се ослободи од зависноста од алкохол.
Според швајцарските медиуми, во април 2024 година обвинетиот влегол во продавница во Волен со пневматски пиштол на јаглерод диоксид и одзел околу 1.500 швајцарски франци. Четири месеци подоцна, извршил уште два грабежи во Арау, двата во истата златарница. При вториот напад со чекан скршил витрина и одзел накит во вредност од околу 21.000 франци.
Покрај грабежите, тој одговарал и за кражби, обиди за провала во продавници, оштетување имот, незаконито влегување, навреди, како и за насилство и закани кон службени лица. На судењето ги признал сите дела.
– Бев тежок алкохоличар и навистина сакав да одам во затвор за да се одвикнам – изјавил обвинетиот Македонец.
Тој додал дека бил свесен за постоењето на рехабилитациски центри, но сакал токму затворска казна. На прашањето дали бил свесен за стравот и последиците што ги предизвикал кај жртвите, одговорил дека не се доживувал себеси како закана, туку бил фокусиран на сопствениот план.
Судијата посочил дека вакво образложение ретко се слуша во судската пракса, особено бидејќи обвинетиот знаел за можностите за лекување во специјализирани установи, но не побарал таква помош.
Освен петгодишната затворска казна, обвинетиот ќе треба да плати и над 80.000 евра. По издржувањето на казната, тој ќе биде протеран од Швајцарија со десетгодишна забрана за влез.